Груевски: Пендаровски да се произнесе дали е Стевчо или Стево (ВИДЕО)

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од митингот на владејачката партија во Гевгелија вечерва го повика претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски да се произнесе за неговото име, односно дали е Стевчо или Стево.

Ваквата прозивка на Груевски до Пендаровски доаѓа откако во јавноста се појави документ од одлуката која што е излезена за претседател на Државната изборна комисија во 2004-та година, каде напишано е Стевчо Пендаровски.

„Од другата страна го имаме кандидатот Стево Пендаровски или Стевчо Пендаровски. Јас обично сакам луѓето да ги нарекувам како што им е право име, ане да ги искривувам нивните имиња, па би го замолил да се произнесе дали е Стевчо или е Стево, со оглед на тоа тоа што во одлуката која што е излезена за претседател на Државната изборна комисија во 2004-та година, напишано е во службен весник, Стевчо Пендаровски“, изјави Груевски.

Тој нагласи дека сега во одлуката за неговата кандидатура исто така официјално излезена пишува Стево Пендаровски.

„Добро би било да ни каже како било тогаш, како е сега, дали е некоја грешка или дошло до некоја промена, за да знаеме точно како да му се обраќаме, бидејќи ние сме луѓе кои што го почитуваат она што се вика име“, рече Груевски.

Груевски вечерва од Гевгелија го повика Пендаровски конкретно да каже како планира да го реши прашањето за името.