
Треба да бидеме бескрајно среќни и горди како народ, бидејќи Светите браќа Кирил и Методиј, кои од страна на неговата светост, папата Јован Павле Втори се прогласени за заштитници на Европа, нé вбројуваат меѓу народите кои дале огромен придонес кон светската наука и култура, се истанува во честитката од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Греувски, по повод 24-ти Мај, денот на Светите браќа Кирил и Методиј – македонски и сесловенски просветители и учители.
Груевски натаму вели дека „светите браќа Кирил и Методиј ни покажаа дека човековата волја, добродетел, љубов и желба за творење можат да бидат бескрајни и да создаваат работи надвор од имагинацијата на времето и просторот во кој живееме“.
Тие со своето делување и работење, се вели натаму во пораката од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, овозможија поголема рамноправност на народите во своето време, спротиставувајќи се на дотогаш ограниченото сфаќање дека знаењето и науката треба да се пренесуваат на само неколку тогашни јазици
„Тие ја проширија писменоста во дотогаш невидени размери и простори и допринесоа за унапредување на науката во целост. Нека Бог ни помогне и даде мудрост да го водиме и создаваме општеството според вредностите кои тие ни ги оставија, да бидеме мудри, взаемно да се почитуваме и да твориме во полза на општото добро“, порачува Груевски.