Денеска како и пред две недели, Македонија имаше успешни избори, мирен и демократски ден, фер избори. Најголем победник е Македонија, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Честитки до сите граѓани за успешниот изборен ден, а особено до оние кои гласаа. Имавме ефективни избори без сериозни инциденти и проблеми, можеме да бидеме горди за тоа. Благодарност до сите граѓани и честитки. Честитки за сите кои гласаа за било која партија. ВМРО-ДПМНЕ доби двојна доверба и победа“, рече Груевски.
Тој истакна дека на овие избори победи концептот на неуморно работење, држење до дадениот збор, концепт кој е одговорен пристап кон работата и ветувањата, искрен пристап кон народот, обмислени и добро пресметани ветувања, победи концепт на конкретни, а не на општи ветувања.
„Победи концептот на создавање дела, градење силна инфраструктура низ цела држава, концепт на решавање на многу проблеми на граѓаните, победи концепт на ниски даноци, инвестиции во образование и здравството, инвестиции и зајакнување на земјоделието и поддршка на македонскиот земјоделец, силна и неселективна борба против криминал и корупција, зајакнување на правен и судски систем, администрацијата во служба на народот. Победи концептот кој ги штити државните и националните интереси на Македонија и нејзините граѓани“, истакна Груевски.