Политичката криза во Македонија е решена. Европските перспективи за Република Македонија остануваат отворени. Економијата се ослободува од стегите кои ги наметна политичката криза и ќе продолжи да расте, што значи нови работни места и нови инвестиции. Ова на прес-конференцијата по постигнатиот договор за предвремени избори го истакна премиерот Никола Груевски.
– Денес имавме успешни преговори кои завршија со договор за избори. Јас сум задоволен од постигнатиот договор. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на сте кои ни помогнаа, пред се претставниците на ЕУ, САД, тројцата европратеници и особено комесарот Хан. СДСМ во сиот изминат период а и во текот на денешниот ден правеа максимални напори да пропадне договорот од 2-ри јуни и да нема избори во април. Ова е од причина што тие се свесни дека во април ќе ги загубат изборите и се свесни дека народот не им дава поддршка, особено не на овој начин со кој се обидуваат да дојдат на власт ставајќи ги личните и партиските интереси, пред интересите на државата и пред интересите на народот и со користење на интриги и на манипулации, рече Груевски.
Тој нагласи дека денес СДСМ била приклештена да не може да избега од изборите во април 2016.
-ВМРО-ДПМНЕ преговараше самоуверено и не им остави ни најмал простор да избегаат од изборите. ВМРО-ДПМНЕ и јас како нејзин претседател како и секогаш до сега интересите на државата и интересите на државата и интересите на народот ги ставивме пред личните и пред партиските интереси, знаејќи дека СДСМ ќе ја искористи секоја и најмала можност да избега од изборите,знаејќи дека нивната цел е континуирана криза во државата која ќе ја подрие нашата економија, знаејќи дека тие само во една атмосфера на дестабилизација и криза, прилично себично кон народот ја гледаат својата шанса, ние постигнавме договор во кој СДСМ се враќа во Парламентот на 1 септември. Како системско решение отсега па за сите парламентарни избори 100 дена пред секои парламентарни избори Владата ќе се повлече и ќе се формира Влада за спроведување на изборите, рече Груевски.
Како што нагласи Груевски, во случајов, ова ќе значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе номинира привремен премиер за период од 100 дена, почнувајќи од 15-ти јануари 2016-та, до изборите кои ќе се одржат на 24-ти април 2016-та.
-За да не може некој да има алиби и изговори за резултатите од изборите се согласивме почнувајќи од 20-ти октомври, па до изборите, СДСМ по претходна консултација со ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да даде предлог за технички министер за внатрешни работи, што значи личност која на ниту еден начин не се поврзува со ниту една политичка партија. Воедно,отворивме можност СДСМ да предложи министер за труд и социјална политика од истиот датум. Истовремено, во овие две министерства, ВМРО-ДПМНЕ ќе именува свои заменици министри со право на увид и вето за сите прашања поврзани со изборите, рече Груевски.
Тој нагласи дека такви заменици министри ќе бидат номинирани од страна на СДСМ во министерството за финансии, земјоделство и министерството за информатичко општество и администрација. Сите преостанати сегашни министри на ВМРО-ДПМНЕ, рече Груевски ќе останат во Владата до денот на изборите.
Како што посочи, за да немаат изговори и за да се зголеми довербата во една крајно исполитизирана атмосфера договорено е до 15-ти септември 2015 година да се избере обвинител кој ќе ги води истрагите околу прислушуваните комуникации, кој треба да биде избран во согласност со сите четири политички партии, рече премиерот.
Порача дека граѓаните треба да бидат спокојни, го познаваат во изминатите девет години преку работата и делата, преку одлуките и решенијата и преку испорачаното од нивна страна на дадените ветувања.
– Јас знам дека мнозинството граѓани повторно во април ќе ни ја дадат поддршката и тоа ќе биде историска поддршка и историска победа, затоа што никогаш не ги изневереивме и затоа што знаат дека тоа е тимот кој носи напредок и успех за Македонија, кој носи нови работни места, инвестиции, поголеми пензии и плати, земјоделски субвенции, стабилност во државата и европска и евроатлантска перспектива, рече Груевски.
Водилка во овие разговори денес, нагласи Груевски, беше Македонија и нејзиниот народ.
– Македонија не’ познава добро и нас и нив и ќе одбере мудро, согласно принципите и вредностите во кои верува. Јас сум сигурен дека на 24-ти април народот најмасовно досега ќе ни ја даде поддршка нам, заврши Груевски.