На почетокот на минатата година се постави камен темелник, а еве денеска почнува со работа инвестицијата на германската компанија „Акомпласт“ во зоната во Прилеп. Разговорите ги започна и потоа ги водеше Бил Павлевски, а јас се приклучив во финишот, по што ја донесоа финалната одлука која се преточи во дело, градба на модерна фабрика во Прилеп која се протега на над 1.000 квадратни мери површина, напиша во четвртокот на својот фејсбук профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Станува збор за реномирана германска компанија, специјализиран производител за пластично моделирање на делови за автомбилската индустрија, единствена фабрика од ваков вид на Западен Балкан, со примена на напредна, врвна и иновативна технологија, која за прв пат ќе се применува во Македонија.
„Производството во Македонија ќе биде наменето за европскиот пазар, а пред се за големите автомобилски гиганти, како БМВ, Дајмлер, Ауди, Фолксфаген, Јагуар и Бентли. Поради овие специјализирани потреби, поголем број на вработени лица од Македонија веќе се пуштени на тренинг во германскиот главен центар на компанијата. Согласно деловниот план на компанијата, инвестициските вложувања ќе надминат неколку милиони евра и компанијата ќе креира нови 150 работни места. Меѓутоа еден од главните атрибути на оваа инвестиција е знаењето, know-how, што оваа компанија го носи и остава во Македонија, кога станува збор за прецизно пластично моделирање на делови, како и блиската соработка со македонски компании добавувачи, кои би можеле да се најдат во оваа индустрија“, пишува Груевски.
Уште во оваа фаза, менаџментот на компанијата планира на проширување, ако не наидат на некои потешкотии во нивното функционирање со актуелната влада.
„Планираното проширување би креирало дополнотени 150 нови работни места, заедно со изградба на нова поголема фабрика на истата локација, или вкупно 300 нови вработувања.
Ова е трета инвестиција која ја донесовме во зоната во Прилеп. Таму веќе функционира ‘Гентерм’ која треба да вработи 2.000 вработени, а во градба е фабриката на германската Вик која ќе донесе нови 1.000 вработувања. Или сите три инвестиции би требало да донесат 3.300 вработувања за Прилеп и соседните општини. Во овие тешки моменти за македонската економија инвестициите на кој работевме, сепак се додадена вредност и генератор на нови приходи во стопанството. Наместо рушење, потребно е надоградување на овој концепт кој донесе десетици илјади работни места и многу приходи за македонските домашни компании“, посочува Груевски.