Груевски: Работиме на интензивна изградба на националниот гасоводен систем

ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години е силно посветена и ги интензивира процесите кои значат воведување на природен гас како нов енергенс и негова употреба во индустријата, претпријатијата, јавните објекти, јавните установи и домовите на граѓаните, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, зборувајќи за напредокот за гасификација на земјата.

За подобар бизнис, домување и екологија, поздрава животна средина и почист воздух ги покренавме процесите кои значење подготовка на студии, акти и документи, затоа што кога дојдовме во владата ништо од ова што е многу комплексно го немаше и започнавме со конкретни акти и постапки за комплетна гасификација на земјата. Тоа не беше ни малку лесен процес, но ние го спроведовме и работиме конкретно на терен. Фактите говорат дека спроведуваме мерки и проекти кои значат интензивна изградба на национален гасоводен систем, изградба на дистрибутивните мрежи, но и план за изградба на интерконекција. Во тек е завршната фаза на изградба на магистрална делница Клечовце-Штип која можам да објавам дека ќе биде готова следниот месец, изјави Груевски.

Со него, природниот гас е достапен за граѓаните и индустријата во Штип, а малку подоцна со изградба на соодветни краци и до Свети Николе и Велес. Три значајни градови во Македонија ќе добијат гас.

Обезбедени се финансиски средства, склучен е договор со меѓународни финансиски институции, поминат е на парламентот, подготвена е документација и во финална фаза е постапката за избор на изведувач за изградба на магистралниот гасовод од Штип до Неготино, во должина од 36 километри. Ќе биде целосно завршен во четвртиот квартал од 2017 година.

Најдоцна до првиот квартал од 2017 година започнува изградба на магистралниот гасовод Неготино-Каварадци-Битола како продолжение на гасоводот Штип-Неготино, делница долга 92 км. И тука подготовките се во длабока фаза, односно во фаза на барање на изведувач за извршување на работите, односно за градба на гасоводот.

Во финална фаза е постапка за избор на изведувач на изградбата на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар со должина од 76 км откако се обезбеди финансирањето и се обезбедија сите потребни студии и проекти.

Во текот на ова лето ќе започне изградбата, а гасоводот ќе биде изграден за 2 до 3 години, што значи природен гас и за целиот полошки регион. За изградба на гасоводите Штип-Неготино-Кавадарци-Прилеп и до Битола и од Скопје преку Тетово до Гостивар, за овие три магистрали на примарен гасовод ќе се инвестираат вкупно 90 милиони евра, средства кои ќе имаат голема додадена вредност, значајно влијание на економскиот раст на државата и нови работни места и вработувања. Додека примарните гасоводи се градат започнува проектирање на втора фаза, меѓу кои е Битола-Охрид, Гостивар-Кичево и повеќе други делници низ целата држава.  Ги интензивираме активностите за интерконекции со соседните земји со цел обезбедување на интерконективни гасоводи Македонија-Грција и Македонија-Бугарија. Значајно е дека паралелно работиме на изградба на дистрибутивни мрежи на природен гас, со што ќе направиме директна негова достапност на домаќинствата, индустријата, стопанството и јавните установи, природен гас ќе стигне до секој дом и компаниите ќе имаат избор за употреба на природен гас како еколошки чиста енергија , а тоа ќе го имаат и компаниите од индустријата, рече Груевски.

Постапката за изнаоѓање на приватен партнер за гасификација на 17 општини во скопскиот регион е во длабока фаза, се вршат финалните разговори со две компании и се очекува по расчистувањето на политичките состојби да се влезе во финален избор на компанија која ќе го гради гасоводот во Скопје и скопскиот регион, кој е проценет на инвестиција вредна 100 милиони евра или 245 км нова дистрибутивна мрежа над секундарната гасификација.