СДСМ и порано правеа политички прогони, нивниот стил е владеење со притисоци и гонење, изјави во интервју за ТВ НОВА, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Тоа е политиката кога на власт е СДСМ, и ова не им е прв пат. И порано вршеа политички прогони. Врз мои соработници во 2002та година кога дојдоа на власт поднесоа купишта пријави за кои не излезе ништо, меѓутоа им ги згорчија животите. Стилот е тој, СДСМ владее со притисоци, гонење, сево ова е политички прогон. Она што го гледавме во 2002 кога дојдоа на Власт сега се поворува“, рече Груевски.
Додаде дека СЈО е инструмент на СДСМ преку кој во денешно време се врши истиот притисок.
„Сето она што наумила новата Влада да го направи, е попроблематично ако ВМРО е силно како што е сега. Оттука на СЈО им дадоа наредба да ни испрати куп обвиненија, планот беше да не потрупаат со обвиненија без докази и да внесат сомнеж кај народот дека сме работеле криминално. Јасно е зошто овие обвиненија ги пуштија на претпоседниот ден или последниот ден. До самиот крај се трудеа нешто да напишат, да најдат некој сведок којшто лажно ќе сведочи, да го заплашат, со цел да направат конструкција и да направат пред луѓето да изгледаме виновни. Тоа што на крајот ќе се види дека се празни со докази, сметаат ќе биде далеку и луѓето ќе заборават. Тоа се ниски удари, не знаат да ги освојат симпатиите на граѓаните со дела и затоа одат на слабеење на противникот“, дециден е Груевски.