– Тие и во многу минати наврати независно дали биле поврзани со издавање на еврообврзница или со било што друго оделе на деструктивна варијанта, на варијанта на рушење, поништување, кочење, правење криза итн. Така што за мене не е големо изненадување тоа што опозицијата со цел да наштети на нас како нивни опоненти, всушност наштети или се обиде да наштети на државата со испраќање писма со многу невистини во нив до крупните мултинационални инвестициски куќи за да ги исплаши, да им внесе немир и несигурност дека ако инвестираат во Македонија средствата можат да им пропаднат и природна е реакцијата тие да се запрашаат што се случува и да проверат, рече Груевски на новинарско прашање.
Тој додаде дека познавајќи го начинот на работење на инвеститорите, сосема нормално е во таква ситуација тие да побараат неколку дена за да извршат проверки на вистинитоста, односно, вели, во случајов на невистинитоста на податоците затоа што средствата со кои тие инвестираат не сe само нивни, туку се и на многу инвеститори кои им ги довериле парите да ги инвестираат заедно преку инвестицискиот фонд.
– Очигледно е дека СДСМ со ова сака да направи нова деструкција, ново кочење, нов проблем. Очигледно е дека сака да дојде до ситуација да неможат да се исплатат пензии, социјална помош, плати во администрацијата, за субвенции за земјоделците… Но, ВМРО-ДПМНЕ тоа нема да го дозволи. Нема да им дозволиме преку желбата да дојдат на власт да ја рушат државата и да направат штета на граѓаните. Се ќе биде онака како што треба и како што е најдобро за народот, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.