Убеден сум дека на 15 октомври сите ние ќе славиме тука. Во Македонија работите се менуваат, ова што се случи во овие четири месеци е една добра лекција за многумина кои што не можеа да направат споредба и да видат некои работи пред тие да се случат. После се што видовме во овие четири месеци започнува новото движење кое ќе ја донесе новата ера за Македонија, ера на просперитет, на напредок и на исполнети ветувања, на одговорност, на достонство, на заедништво. Ера која ќе ја предводи Коалицијата „За подобра Македонија“.
Ова денеска од митингот во Куманово го порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
-Секојдневна демонтрација на незаконско работење од страна на новодонесената и залепена власт која не дојде како победник, туку како поразен. Која немаше да се случи да не ја составеа однадвнор. Незаконски назначувања, незаконски разрешувања, незаконски вработувања, незаконски тендерски постапки, ставање на министри сами на себе да си бидат советници – министер и советник на министерот, за да земе повеќе пари, посочи Груевски.
Рече дека дел од тоа помрачување се и кривичните пријави за над 10 кандидати за градоначалници.
-Секој ден по една за непостоечки кривични дела. Пукања и ранети кандидати за градоначалници – Кичево. Претепување на кандидати со шипки и со боксови – Шуто Оризари. Денеска заедно со Амди отидовме до болницата да го посетиме Елвис Бајрам, докторите не замолија да не влегуваме. Велат „скршен му е черепот, се обидуваме да не пуштаме никого, скршен му е черепот“, а МВР објавува „се степале две групи, се затепале како деца на улица“. Скршен череп, човекот е во критична ситуација. Тоа се избори што ги организира СДСМ и тоа е нивната демократија. Партијата која што со години ни говореше за фер и демократски избори спроведува најнефер, најнедемократски, најнекоректни и најнасилни избори, преполни со насилство, истакна Груевски.
Нагласи дека и на кандидатот за градоначалник на Кавадарци му било вперен пиштол во лице.
-Секојдневна демонстрација на сила. Закана на институциите додека МВР се претвора во партиска испостава. Демократија нема. Трето, секојдневни измами со евидентни докази. Направија, на пример филмска измама со производството на автобуси во „Санос“. Отиде првиот човек во Владата со куп новинари и вика „Еве нов автобус, домашното производство тргна откако дојдовме ние во Владата“. Отидоа новинарите неколку дена подоцна, ни фабрика, ни автобуси, ни работници – искрешни стакла и пајажина, брука и срамота, филмска измама, посочи Груевски.
Потенцира дека и надворешната политика која се спроведува е контрадикторна.
-Нема, па има договор за Комисија за историјата со Грција. Една недела викаат „Нема таков договор“ откако министерот за надворешни на Грција објави дека се договорил со нашиот министер да направат Комисија за истражување на историјата. Значи освен Бугарија и Грција ќе ни ја менува историјата, рече Груевски.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, еден пример за помрачувањето се секојдневни промени на ветувањата пред изборите и активности спротивни на тие ветувања.
-На земјоделците им ветија по изборите дека ќе имаат 10 отсто поголеми субвенции. Нема 10 отсто поголеми субвенции. Ама ај што нема, дојде и гром од ведро небо. Ако не им бил поголем приносот оваа година во споредба со претходната, во иднина немало да даваат субвенции, појаснува Груевски.
Подвлече дека новата Влада секој ден зборува за реформи, дека секој ден минимум 20 пати се споменувало за реформи.
-Мислат дека ако ги спомнуваат дека тие сами ќе се направат. Реформи досега има нула, нагласи Груевски, додавајќи дека секој ден има обиди минорните работи да се прикажат како нешто што ќе не збогати.
Како такви ги посочи радиодифузната такса која се уште се плаќа но и евтината струја која се уште ја нема.
-Секојдневни активности да се запре, закочи или пак да се урне нешто создадено од времето на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „ За подобра Македонија“. Автопатиштата, три автопати од кои едниот е речиси готов, линии требаше да се нацртаат само, два во тек на градба, едниот 90 отсто завршен, другиот 50, се запреа, вели Груевски.
Потенцира дека СДСМ се занимава со работи кои никој не ги бара од нив, а не го работат она што треба да го прави една одговорна Влада.
-Секојдневно убедување дека со штетни договори за Македонија се градат пријателства со соседите. Сега фатија да не убедуваат дека заради штетниот договор со Бугарија ќе сме ја имале за најголем пријател и дека наредниот најголем пријател ќе ни била Грција заради тоа што и со нив планираат на ист начин да склучат таков договор, истакна Груевски.
Подвлече дека ќе ги ни го сменат името на државата, името на нацијата, името на јазикот, историјата, учебниците и ќе ни кажат оти градиме добри односи и многу пријатели.
-Секојдневна демагогија, тешка демагогија. Воздух за Берово, па за Берово може да речеме дека многу работи ги нема, ама воздух…. А за Куманово воздухот не е главна тема. Па живот, Господ почнаа да се замислуваат дека се. Празни зборови, апстрактни фрази, ветер и магла, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, како десетти пример на помрачувањето е преку напади врз опозицијата и политичките опоненти да го прикријат неработењето.
-Со политички хајки, со политички прогони. Што ручал некој министер пред две години, а и тие ручаат сега. Зошто се купиле бадеми? А и тие купуваат бадеми. Блиндирано возило кое секој ден истите они го возат, вели Груевски.
Рече дека тие вршат секојдневни притисоци врз медиумите, судството, администрацијата, странските инвеститори.
-15 кривични пријави во последните 15-20 дена на судии кои што треба да судат. Медиуми, кои се прогонуваат по судови и финансиски се прогонуваат и уништуваат, истакна Груевски.
Потенцира дека новата Влада свесно оди спроти волјата на народото.
– Тие знаат дека нашиот народ е против договорот со Бугарија, против тие работи што ги прифатија. Но, одат директно спротивно на волјата на народот како што веќе планираат да одат со договорот со Грција, подвлече Груевски.
Нагласи дека економијата секојдневно тоне.
-Почнете од намалениот извоз, се намали извозот за 12 проценти – јули со јули. Продолжете со намалениот бруто домашен производ за околу 2 отсто. Индустриското производство во јули се намали за 2 отсто, со август минатата година за 5,3 отсто. Којзнае што ќе биде во септември кога ќе ги објават податоците, рече Груевски.
Додаде дека девизните резерви се намалиле за 172 милиони евра.