На овие избори имаше еден видлив, масовен поткуп поддржан од полицијата. Имавме ситуација во огромен број на општини каде што активисти на СДСМ одеа од куќа на куќа, а нив ги следеше полициско возило кое се паркираше пред куќата додека тие влегуваа во куќата и го вршеа поткупот. Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во гостувањето на телевизија Алфа.
„Честопати и не беа во различно возило, туку активистите на СДСМ беа во возилото на полицијата. Тоа го немало никогаш во Македонија. Се случувало во минатите години поткупи во одредени реони каде живее мошне сиромашно население од некои етнички групи, сега го имаше масовно, го имаше секаде. Го имаше во главниот град, во Центар, го имаше во Капиштец, Тафталиџе, Карпош, го имаше во Гази Баба. Вечерва добив информација дека во Јурумлери има обид за поткуп на кој полицијата не реагира. Масовен поткуп. Одредени наши информации говорат дека СДСМ овие избори вложи околу 20 милиони евра црни пари. Најголем дел од нив во поткуп, а помал дел во официјална кампања. Поткупот беше број еден со заштита на полицијата“, истакна Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ обелодени дека во последните денови биле поставени таканаречени „народни стражи“.
„Тоа беа наши членови кои требаше да се движат низ улиците, маалата, реаоните, градовите, селата каде што очекувавме дека ќе има поткуп, затоа што тој веќе беше започнат. Започна 10-12 дена пред изборите. Што се случуваше? Имавме ситуација во Прилеп, влегуваат поткупувачите во една куќа, полицијата паркирана напред, нашите луѓе го забележуваат тоа бидејќи во тие места луѓето се знаат. Им велат ‘Каде одите, што носите во кесите, сакате поткуп да извршите’. Им пристапува полицијата, бара лични карти, почнува да разговара со нив, им забранува да одат натаму… Потоа тие излегуваат, одат во наредната куќа, полицијата се преместува пред влезот на наредната куќа. Во Центар одеа од врата на врата со поткуп. Најмалата цена за два гласа беше 50 евра, а достигнуваше и до 100. Ваков поткуп не се случил досега во Македонија“, истакна Груевски.
Потенцираше дека иако постојат работи кои не можат да бидат документирани, за многу работи има и информации и докази. Потсети и на случаите со „бугарскиот воз“ кои се случија во неколку општини на овие избори.
„Тоа е користење на гласачки ливчиња во цели за уфрлање на друго место каде веќе се заокружени и тоа најчесто се дава на оние на кои сте им платиле, а не им верувате дека ќе гласаат за вас. Им давате веќе заокружено ливче, тие да го однесат на лице место, гласаат, да го земат ливчето нивно, да го вратат за да го заокружат и да му го дадат на следниот кој земал пари, а не се сигурни дека ќе гласа за нив. Поткупот беше масовен како никогаш досега“, објасни Груевски.
Потенцираше дека освен поткупот, притисоците и заканите од страна на СДСМ беа многу присутни во текот на изборната кампања и на изборниот ден.
„Притисоци и закани имаше најмногу кон претседатели на месни комитети на ВМРО-ДПМНЕ, познати активисти на ВМРО-ДПМНЕ кои ја движат машинеријата, кон други членови на нашата партија и Коалицијата со цел да го пасивизираат работењето за партијата или, пак, да не гласаат или да гласаат со неважечки ливчиња. Ако за поткупот дознававме нешто и претходно и го коментиравме за ова најмногу работите се дознаа вечерта, по гласањето токму од оние кои не го прифатиле односно не подлегнале на уцените, на заканите. Ни ги кажуваа со име и презиме луѓето кои им се заканувале, активисти на СДСМ, голем дел од нив и стари УДБА-ши кои ги знаат во градот, кои во времето на социјализмот биле познати соработници на полицијата против тогашните структури на ВМРО кои се бореле за обединета, независна и самостојна Македонија, лежеле затвори. Луѓе кои ги поткажувале и беселе, истите луѓже како членови на СДСМ сега учествуваа во заплашување. Јас ги слушав по телефон повеќе претседатели на месни комитети во различни градови како раскажуваат со какви зборови им се имаат обраќано со цел да ги одвратат од активизација на нашата партиска машинерија, со разни уцени, заплашувања, застрашувања. Од типот ‘Имаме снимки за вас ќе ги објавиме’ можеби немаат, но луѓето не знаат дали имаат, ‘Ќе ја загубите работата вие или вашиот син, ќерка, татко, мајка…’. Закани од типот за кривична пријава ‘Обвинителството е со нас’, ‘Гледате што се случува цело раководство на ВМРО-ДПМНЕ доби обвиненија’. Масовно, по список заплашување на огромен број наши активисти и партиски челници во сите општини, а претходно имавме заплашување на кандидати со највисок рејтинг со цел да се одвратат да се кандидираат’, рече Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека досега СДСМ се закануваше со СЈО, ама сега се заканува и со регуларното обвинителство. Груевски заклучи дека покрај масовниот поткуп, СДСМ се служеше со заплашување и закани кон граѓаните на Македонија.