Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски денеска оствари средба со министерката за надворешни работи на Република Италија, Федерика Могерини.
На средбата соговорниците го изразија задоволството од развојот на односите и соработката меѓу Република Македонија и Република Италија и воедно посочија подготвеност за нивно натамошно унапредување и интензивирање во сите области од взаемен интерес.
Премиерот Груевски ја истакна заложбата за продлабочување на економската соработка, како и проширување на секторската соработка. Премиерот Груевски истакна дека Италија е мошне значаен трговски партнер, и досега земјата има позитивно искуство од реализацијата на неколку инвестиции што докажува дека има потенцијал кој може да биде искористен во насока на јакнење на трговските и економските односи меѓу двете пријателски држави. На средбата беа истакнати и полињата каде може да се соработува, потенцирајќи ја областа на трговијата, енергетика, земјоделието и образованието.
Соговорниците се осврнаа и на темата на евроатлански интеграции при што pремиерот посочи дека тие остануваат приоритет во работата на Владата, и изрази задоволство од досегашната поддршка која Република Италија ја дава на овие суштински процеси. Груевски ја потенцираше важноста на италијанското претседателство со ЕУ за регионот – во актуелниот контекст по европските избори. Тој ја истакна и важноста за проактивна поддршка на Италија во напорите на Македонија за почеток на преговори со ЕУ.
Соговорниците изразија надеж и подготвеност за интензивирање на соработката, и продлабочување на взаемните билатерални и економски односи.