Само за Скопје ќе бидат набавени нови 1.318 медицински апарати, инвестиција вредна 13,5 милиони евра, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Станува збор за прецизен план за набавка на околу 3700 апарати наменети за повеќе од 100 јавни здравствени установи низ државата, кои ќе бидат доопремени со најсовремена медицинска опрема. Во Скопје опфаќајќи го Клиничкиот центар, општите болници, здравствените домови, специјалните болници, заводите и институтите ќе бидат обезбедени нови 1318 медицински апарати, со проценета вредност од околу 13 милиони и 500 илјади евра.
Тој наброја дел од апаратите кои ќе се набават за клиниките во Скопје.
На Универзитетската клиника за радиологија ќе биде набавен нов апарат за компјутерска томографија. Оваа дијагностика дневно ја користат 40 – 50 пациенти само во рамки на оваа установа. Најави дека ќе се набави и уште еден апарат за магнетна резонанца во вредност 1 милион 600 илјади евра со што двојно ќе се зголеми капацитетот на клиниката за вршење на најсовремени испитувања и снимања на пациентите.
На Универзитетската клиника за инфективни болести со новите апарати за првпат ќе се воведе нова технологија од молекуларна дијагностика.
Станува збор за апаратура што е побрза, специфична, со висока сензитивност и со поголема точност во дијагностиката. На пример, апарат IRIDICA- апарат за комбинирана автоматизирана молекуларна метода за идентификација на широк спектар на бактерии, вируси и габички. Бенефит ќе имаат сите пациенти со сомнеж за инфективно заболување, особено тешки имунокомпромитирани болни, како што се пациенти на интензивна нега, по извршена трансплантација, со малигноми, пациенти со инфекции и со хематолошки заболувања и др. Ќе се набават и посебни серолошки тестови за инфективни заболувања по нова методологија, со која полесно ќе се докажува етиологијата на болеста и ќе се даде побрза и точна терапија. На пример, сега се чека по 2-3 дена за микробиолошки тестови, а со новиот апарат за 1 час може да се детектира причинител на болест. На Инфективна клиника сега има многу послаб модел стар 15 години, објасни Груевски.
За прв пат во историјата ќе се набави нова хибридна сала на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија која ќе биде во вредност од 2 милиони евра.
Со ваквата опрема ќе се отвори можност за изведување на операциски и ендоваскуларни хибридни зафати. За потребите на Универзитетска клиника за кардиологија ќе се инвестира во набавка на најсовремен ангиограф за што ќе бидат инвестирани околу 650 илјади евра, со што ќе се применат најсовремените методи за кардиолошки интервенции при вградување на стентови кај пациентите.Исто така на универзитетската клиника за кардиологија ќе се набави С-arm рентген апарат за скопија, на Универзитетска клиника за очни болести – Ласер апарат за корекција на диоптрија, нова опрема за оперативниот блок-(оперативен стол, оперативни маси, оперативни кревети и рефлектори). На Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија ќе се набават два апарата за видеоколоноскопија , електро хируршка единица за полипектомија , а на Универзитетската клиника за дерматологија ќе се набави нова кабина за фототерапија на цело тело во стоечка положба, фототерапија за парцијална UV радијација и фототерапија за различни делови на телото, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
На Универзитетска клиника за детски болести ќе се набави апарат за ехографија со спецификации за педијатриска кардиологија со две сонди неонаталошка од и педијатриска, Дигитален рентген апарат за снимање на мали бебиња).
За потребите на Универзитетска клиника за урологија ќе се набави најсовремен столб за лапароскопска хирургија со HD – камера и снимач за прецизна и полесна хрирурхија и вршење на таков вид на хируршки зафати за што ќе бидат инвестирани 95 илјади евра. За клиничката болница во Тетово ќе се инвестира во набавка на ендоскопски столб вреден 200 илјади евра за сите видови ендоскопски снимања и испитувања. За потребите на заводот на нефрологија во Струга, за прв пат ќе се набави апарат за екстра корпорална литотрипсија вреден 200 илјади евра со кој што ќе се овозможи остранување на камен без операција со негово разбивање со ултразвук. Во Заводот за нефрологија се уште се третираат болнички пациенти кои се на дијализа, и оттука произлегува потребата да се инвестира во нова опрема и во оваа јавна здравствена установа, со цел да се подигне квалитетот на медицинска нега и третман на пациенти на дијализа кои се лекуваат болнички, додава Груевски.
На Клиниката за нефрологија во Скопје ќе се инвестираат апарати во вредност од 115 илјади евра при што ќе се набават комплет хируршки инструменти за васкуларна хирургија, призмафлекс систем за прочистување на крвта при откажување на бубрежните функции, апарат за анализа на телесните течности кај пациент со хронична бубрежна болест, два автоклави и други апарати.
На Клиниката за неврохирургија ќе се набави нова опрема со проценета вредност од 674 илјади евра со што ќе се обезбедат- мобилен моторизиран детектор, апарат за невронавигација, оперативен современ стол, перфузиоди и друга опрема. Во општата болница во Прилеп ќе набавиме нов мобилен рендген апарат, нов апарат за лапароскопија со кој на годишно ниво се вршат околу стотина интервенции, претежно на жолчка, како и стол за артроскопија со колен инструментариум, со кој исто така се вршат по 100ина интервенции годишно. Општа болница Велес првпат ќе добие дигитален најсовремен рендген апарат. Сега во оваа болница има само класичен рендген апарат на кој се вршат 18.000 снимки годишно. Со новиот РТГ апарат снимките ќе бидат со подобар квалитет, ќе зголеми бројот на пациенти што ќе може да ги опслужи апаратот и со тоа ќе намали времето на чекање, а воедно ќе се овозможи поголема точност во поставување на дијагнозите и помало зрачење. Се планира и набавка на нов ФАКО апарат, со кој годишно би се вршеле од 200 до 300 интервенции, а воедно со новата опрема се планира и развој на одделението за ортопедија, со посебен акцент на вградување колкови, за што потреба имаат од 80 до 100 пациенти од регионот на Велес, заклучува Груевски.