Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во петокот продолжи со теренските активности и средби со граѓаните низ населените места во Република Македонија, тој денеска беше да ги слушне проблемите и потребите на граѓаните во Општина Гази Баба.
На новинарско прашање како е задоволен од работата и проектите во оваа општина, Груевски кажа дека таа е многу сложена и тешка за водење, затоа што во голем дел е рурална, со големи и реални потреби на граѓаните кои што треба да се завршат, а со прилично низок буџет во однос на потребите.
„Во едни такви услови направено е максимум од страна на општината, со поддршка и на градот Скопје, со поддршка и на Владата. Од она што може да се види јавно во отчетот што градоначалникот го подели, изградени се околу 85 улици со вкупна должина од околу 100 километри, изградени се вкупно канализациони мрежи и водоводи околу 40 километри“, изјави Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ напомена дека изградено е едно училиште во Железара, а уште едно се гради во Хиподром. Покрај училиштата во Гази Баба е изградена и една детска градинка и во тек на реализација се многу други проекти, кои не се така крупни како другите како што кажа Груевски, меѓутоа општината работи на нив.
„Во едни такви сложени околности можам да кажам дека работите се одвиваат добро и дека имаме успех. Во четири години да се направат толку работи, со толку мал буџет и со толку скромни средства е сериозен успех“, изјави Груевски.
Потенцираше дека општината има уште многу потреби, но кажа дека тие и понатаму ќе останат посветени на оваа општина и доследни на она што го ветуваат пред граѓаните.