Груевски, Ставрески, Канческа, Тодоровиќ, Аларова и Здравев, се дел од осомничените за перење пари за набавка на 11 споменици од „Скопје 2014“, со кој си обезбедиле 57,6 милиони евра

Четиринаесет Македонци и еден Италијанец, како и седум фирми од кои 4 македонски и три италијански, се дел од осомничените во истрагата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) наречена „Феникс“. Иако не беа споменати со име и презиме, сепак, според функциите и времето за кое што се води истрагата, во случајот „Феникс“, осомничени се експремиерот Никола Груевски, ексминистерката Елизабета Канческа-Милевска, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески, поранешниот претседател на Советот на општина Центар, Владимир Здравев како и двајцата поранешни градоначалници на Центар, Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова. Сите 15 се осомничените за/или злоупотреба на службената положба и перење пари при изградбата на 11 споменици дел од проектот во јавноста познат како „Скопје 2014“.
Груевски, Ставрески, Канческа, Тодоровиќ, Аларова, Здравев, се дел од осомничените за набавка на 11 споменици од проектот „Скопје 2014“

„Од втората половина на 2007 година, првоосомничениот (Никола Груевски) искористувајќи ја службената положба како претседател на Владата, како и тогашниот советник и градоначалник на Општина Центар, се приврзале за добивање значајна корист. Осомничените почнале со реализација на проект „Скопје 2014“ за кој не постои програма, документ од надлежен орган. Иако станувало збор за значаен проект за државата, иницијативите се поднесувале пред Совет на Општина Центар, па се отпочнувале постапки за меморијални споменици за кое единствено надлежно е Собранието. Осомничените потпишувале незаконски владини одлуки и трансферирале средства во Општина Центар. Осомничените си обезбедиле финансиски средства, вкупен износ од 57,6 милиони евра“, објави надлежниот обвинител Љубомир Лапе.

Меѓу спомениците за кои се води постапката се „Воинот на коњ“ на плоштадот „Македонија“, лавовите на мостот Гоце Делчев, потоа спомениците на Даме Груев, Гоце Делчев, Никола Карев, Цар Самоил, Првото заседание на АСНОМ. За сите нив заедничко е тоа што се изработени од иста фирма во Италија како подизведувач на работите за кои во Македонија биле избирани други фирми.

Како што објасни Лапе, ако во Македонија за еден споменик биле издвојувани 4,7 милиони евра, осомничените потоа работата му ја давале на подизведувачот, италијанска фирма, која ги изработувала спомениците за двојно помала цена или 2,3 милиони евра.

„Разликата во овие суми е всушност предмет на истрагата односно стореното кривично дело перење пари“, рече Лапе.

Според него, Груевски, Ставрески, Канческа-Милевска и Здравев без да постои одлука на Владата за проект наречен „Скопје 2014“, преку Министерството за култура иницирале поединечни проекти за кои незаконски од Буџетот на РМ одвојувале пари кои биле префрлани на сметката на општина Центар. Осомничените градоначалници Тодоровиќ и Аларова ги прифаќале со образложение дека станува збор за капитални дотации со што ја злоупотребиле службена положба и овластување.

„Петто и шесто осомничените како градоначалници на Центар, четврто осомничениот како претседател на Советот на Центар, при вршењето на јавни набавки, направиле продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Тие спровеле незаконски јавни набавки. При изборот прифатиле понуди со нереални цени.. Италијанскиот државјанин потпишувал договори иако немале дејност леење и изработка на мебел. Со поддоговори, тој лажно прикажувал дека ги изработувал, а работите ги префрлал на други правни лица“, додаде Лапе.