Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на денешниот митинг во Центар порача дека неговата партија има кандидат кој што ќе биде идниот градоначалник на општина Центар.
„Јас цврсто верувам дека луѓето во Центар овој пат ќе знаат да распознаат квалитет, ќе знаат да препознаат личност која што е стабилна, образована, дипломиран правник со искуство во спортот и тоа меѓународно искуство. Личност која е сериозна, стабилна, одговорна, личност која што секогаш пред луѓето се претставила како личност што држи до дадениот збор и како личност што не зборува денеска едно, а утре друго“, истакна Груевски, додавајќи дека Дејан Јовановски ги исполнува своите ветувања.
Посочи дека иако многумина Јовановски го познаваат по кошарката, тој е многу повеќе од тоа, потенцирајќи дека тој нема црна дамка во минатото.
„За Коце Трајановски нема многу да се зборува. Него граѓаните на Центар можеа да го видат и порано како пратеник, но и како градоначалник на Скопје во време во кое што во Центар многу се инвестираше. Се изградија голем број на катни гаражи, подземни гаражи, се проширија булеварите, се инвестираше буквално на секој дел од општината Центар. Центар не се сеќава на толку многу инвестирања колку што се инвестираа во овие години откако Коце Трајановски е на чело на Град Скопје, посочи Груевски, додававајќи дека кандидатите за градоначалници и советници во општина Центар и Град Скопје тоа што го ветуваат и ќе го исполнат“, речеГреувски
Потенцира дека тие ќе исполнат и многу повеќе од она што е ветено во предизборните програми.
„Убеден сум дека овие луѓе со својот труд, залагање, со својата програма и поранешни резултати ќе ја освојат довербата на мнозинството граѓани и ќе бидат идниот градоначалник на Центар и сегашниот и иден градоначалник на Град Скопје“, додадел лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Нагласи дека на овие избори ќе се гласа за градоначалници и советници, но оти овие избори се многу повеќе отколку локални.
„На овие избори претходеа едни други избори во декември, на овие избори претходеше едно дивјачко, незаконско, неделовничко, неуставно, со кршење на сите процедури и потценување на волјата на народот и граѓаните, назначување на претседател на Парламентот, а по него и Влада. На овие избори и центарци и скопјани ќе можат да го кажат своето мислење за тој чин. Дали овој народ заслужува на таков начин да се избираат претседатели на Парламент, Влади и дали овој народ заслужува да живее четири и пол месеци во период на едно вакво помрачување?“, запраша Груевски.
Според него, во овој период имало незаконско разрешување и назначување на функционери.
„Во период на еклатантни кршења на законите со незаконски тендери. На ставање на министри сами себе да си бидат и советници за да земат и плата како министер и паушал како советник“, рече Груевски.
Порача дека на овие избори граѓаните ќе можат да се изјаснат и за секојдневните демонстрации на сила и насилство од страна на, како што рече, новодонесената и новозалепаната власт. Груевски нагласи дека СДСМ мисли дека ќе победи на изборите ако на кандидатите за градоначалници им поднесе непостоечки и невалидни кривични пријави.
„Или пак претепување на кандидати за градоначалници, како што беше во Шуто Оризари. Или она што се случи со кандидатот за градоначалник од Кавадарци, со ставање на пиштол во главата. Или убиството во Кичево, каде што имаме прв пат во историјата на Македонија, на изборите да имаме кандидат кој е убиен. На еден скршен черепот, друг убиен. И за тоа граѓаните на Центар и на Скопје и на Македонија ќе гласаат на 15 октомври и ќе го кажат своето мислење“, истакна Груевски.
Челникот на ВМРО-ДПМНЕ го постави прашањето пред граѓаните дали сакаат секојдневно да бидат измамувани, а при тоа да постојат докази за таквите измами.
„Земете го на пример случувањето со фабриката Санос, таа фабрика уште од времето на транзицијата беше затворена. Тоа беше фабриката Фас 11 октомври, потоа ја купи некоја фирма која се вика Санос и којашто не работи со години. Отидоа во некој донесен автобус, се сликаа и го прикажаа како филмска сцена дека почнало ново производство во нова компанија, дека Владата стимулира домашни компании“, рече Груевски.
Нагласи дека проблемот е во карактерот и начинот на владеење. „Проблемот е во потценувањето на луѓето. Проблемот е што ја потценуваат интелигенцијата на овој народ, на центарци, на скопјани, на сите во Македонија“, смета Груевски.
Рече и дека СДСМ прави работи кои се директно спротивни на она што го вети пред изборите. Груевски потенцираше дека СДСМ вети оти ќе ги зголеми субвенциите, а сега, на оние земјоделци чиј род ќе биде помал од претходната година, нема да им следуваат субвенции.
„Едно ветување пред избори, друго после изборите. И повторно потценување на интелигенцијата и на меморијата народот, демек не паметат ништо, што било речено – било, одиме понатаму. Е ќе видат на 15 октомври дали не паметат луѓето“, истакна Груевски.
Посочи дека зборот „реформи“ се споменува секој ден најмалку по дваесет пати, а ниту една реформа не е направена.
Мислат дека ако по 20-30 пати дневно тоа го спомнат дека потоа луѓето ќе мислат дека се направени многу реформи. Една реформа не е направена, посочи Груевски, додавајќи дека мерките како укинувањето на радиодифузната марка, која се уште се плаќа, се презентира како мерка која драстично ќе го промени животот на граѓаните“
Потенцираше дека животот на граѓаните може да го променат крупни економски придвижувања, многу реформи, многу инвестии и работни места.
„Секојдневните активности да се запре, да се закочи се што направило ВМРО или започнало ВМРО. Дали тоа се автопатиштата што се градат, дали еден куп училишта, градинки, Драмскиот театар во Скопје – се завршено, комплет, го откажаа. Универзалната сала – завршен проект, се завршено – го откажаа. Се што почнало ВМРО да гради или пак дошло до моментот кога треба да се гради, што значи готов проект, завршен тендер, склучен договор за градба, се е запрено. Наспроти тоа, се мислат како да срушат нешто“, подвлече Груевски.
Појасни дека СДСМ сакале да водат дебата дали се сруши Триумфалната порта, но и за спомениците на македонските револуционери.