Премиерот Никола Груевски упати честитка до новоизбраниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Резултатот и убедливата победа уште во првиот круг на изборите, значат огромна поддршка од граѓаните која верувам ќе ја искористите за продолжување и унапредување на развојот на Турција на секое поле.Во оваа прилика би сакал да го изразам своето задоволство од високиот степен на традиционално пријателските односи кои ги негуваме помеѓу нашите две земји и особено интензивираната соработка која ја остваривме во изминатиот период, во време во кое Вие бевте на чело на Владата на Република Турција и покажавте личен ангажман и придонес во оваа насока. Би сакал да ја искажам и благодарноста за безрезервната поддршка која Република Турција и ја дава на Република Македонија на патот на евро-атлантската интеграција. Тоа се препознава и високо цени од граѓаните на Република Македонија, кои во Турција гледаат искрен пријател и долгогодишен партнер. Искрено се надевам дека и понатаму ќе продолжиме да даваме дополнителен придонес за натамошно унапредување на односите во сите области од наш заемен интерес.“ се вели во честитката на Груевски.