Оние што непристрасно ги следат работите знаат дека секогаш во време на СДСМ имаме помалку демократија и слобода, ама тогаш тоа не е тема. Демократија и слобода е тема само кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт. Тоа е тоа. Зборуваат дека нема доволно демократија и слобода, а истовремено не се симнати од медиумите, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, во интервју за порталот Телеграф.мк.
Тој потенцира дека две и пол децении, ВМРО-ДПМНЕ се потпира само на народот и се труди колку може повеќе да му биде сервилен и да ги исполни ветувањата кон него и неговите потреби и барања, а СДСМ се потпира на спонзорите однадвор и се сервилни кон нив, а не кон народот.
Народот за нив е само инструмент што треба да се искористи да се дојде на власт и што подолго да се остане. Додека се на власт клучно е да го задоволат неформалниот сојузник, а за народот ќе фрлат по некоја коска.
Притоа, секогаш имаат дозвола за прогон кон луѓето од ВМРО-ДПМНЕ заради забавување на враќањето на довербата кон ВМРО-ДПМНЕ од страна на гласачкото тело. Оние што непристрасно ги следат работите знаат дека секогаш во време на СДСМ имаме помалку демократија и слобода, ама тогаш тоа не е тема. Демократија и слобода е тема само кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт. Тоа е тоа.
Зборуваат дека нема доволно демократија и слобода, а истовремено не се симнати од медиумите. Кога ние бевме опозиција, се сеќавам се боревме некој медиум да ни дојде на прес-конференција, а понекогаш не доаѓаше ниту еден. Или, пак, ќе дојдеа неколку, но ниту еден медиум во земјата немаше да ја објави прес-конференцијата. Протестираат непречено со недели, уништуваат и оштетуваат државен имот, сквернават споменици на најзначајните личности од историјата, бојадисуваат објекти, меѓу кои има и такви што не се дел од „Скопје 2014“, големата болка на СДСМ, нивното огледало на неработењето во времето кога имаа доверба од мнозинството граѓани и беа на власт, вели Груевски.
Претседателот на ВМРО- ДПМНЕ потенцира дека земјата има огромен број медиуми, и оти секој може сѐ да каже и да критикува без какви било последици по него. И, како што вели, тоа се случува секој ден, секој час, цела година, со години во целиот наш мандат.
Но, како и да е, и покрај тоа што потполно е јасно дека демократија има, и тоа многу, ние ќе работиме да има уште повеќе демократија, вели Груевски.