Претседателот на Владата, Никола Груевски оствари средба со Евангелос Венизелос, заменик претседател на Владата и министер за надворешни работи на Република Грција и претседавач со Советот за општи работи на Европската Унија.
На средбата соговорниците разменија мислења за повеќе актуелни теми и прашања кои се од интерес за Македонија и нејзиниот напредок во европските интеграции. Истовремено, беше разговарано за реформите и чекорите кои се преземаат од страна на државата за исполнување на критериумите и унапредување на взаемната соработка со Европската Унија.
Премиерот Груевски ја поздрави посетата на Венизелос, која претставува континуитет на посетите на Македонија како земја кандидатка, од страна на Претседателството со ЕУ, како и намерата на грчкото Претседателство да организира Министерски самит со земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидатки во април.
Премиерот Груевски изрази убедување дека грчкото Претседателство со ЕУ ќе ги зајакне перспективите на ЕУ за Балканот во согласност со Солунската агенда.
Груевски истакна дека Македонија останува посветена на напредување и позитивен развој во однос на ЕУ агендата како и обезбедување на силен фокус на реформите поврзани со ЕУ за што најдобра потврда е препораката на Европската Комисија, која ја добиваме по петти пат, што значи дека и Комисијата го препознава таквиот напредок.
Премиерот посочи дека потребно е да се посвети внимание на продолжувањето на дијалогот за спорот за името под покровителство на ОН, но и разговори на билатерално политичко ниво кои можат да создадат синергија за перспективно намалување на разликите за што е неопходна посветеноста и искрена волја од двете страни.
Премиерот Груевски изрази и подготвеност да се продолжи да се работи на добрососедските односи со Грција во текот на грчкото Претседателство со ЕУ и по неговото завршување, особено посочувајќи го интересот за интензивирање на економската соработка и проширување на билатералната рамка за соработка.