
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на конвенцијата по повод 26 години од УМС се осврна и на лажните ветувања на СДСМ, тој го спомена ветувањето на Заев дека за сѐ ќе има дебата, што не може да се каже дека е пример, ако се знае за ситуацијата со договорот со Бугарија.
„Отидоа во Бугарија, нешто договорија тајно во еден ден, и не кажуваат никому во нашата земја, а во Бугарија слават. Дај нека кажат што е договорено, па ако е за славење и ние да удриме да славиме“, кажа Груевски.
Го спомена и патот на владината делегација во Грција, од каде сакаа да се вратат и да кажат дека поради Груевски не се решавал проблемот со името, но се вратиле попарени и објасниле дека не било тоа поради инаетот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Отидоа во Грција со план и ветување дека ќе ги шармирале и со обвинување дека заради ВМРО-ДПМНЕ и Груевски не се решавал проблемот со името и ние не сме сакале земјата да ја внесеме во НАТО и ЕУ. Се вратија попарени, и ни објаснија дека не било до некаков инает на ВМРО туку Грција бара работи кои им е незгодно барем да ги соопштат на граѓаните, особено сега пред локалните избори, па објавија дека името ќе го решеле догодина односно по локалните избори. По грчки кажано, ЕУ и НАТО – аврио. Нашиве ербапи, пресметале прво да ги исполажат уште еднаш граѓаните на локалните избори за сѐ и сешто, па потоа да ги прифатат сите услови кои ги бараат Грција и Бугарија. Демек народот не разбира, сега да ги гласа, а потоа бричење и потстрижување, со име, идентитет, јазик, историја, и сѐ останато што е во пакетот“, рече Груевски.