Груевски: Владата го решава проблемот со професионалните војници и стечајците од државните фирми

Професионалните војници над 45 години, по завршувањето на службата во АРМ ќе се вработуваат во државните институции се’ до нивно пензионирање, а со посебно законско решение ќе се реши проблемот со стечајците кои што останале без работа од државна или фирма чиј мнозински сопственик е државата, најави денеска премиерот Никола Груевски.

Тој нагласи дека Министерството за одбрана е задолжено во рок од 10 дена да достави законско решение со кое што ќе се овозможи прераспределба на војниците во државна служба.

„Секој војник да биде прераспределен во Министерството за одбрана, во чуварската служба, во Министерството за внатрешни работи, во граничната полиција, во Министерството за правда, во судската полиција и во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во шумската полиција согласно нвните квалификации“, наласи премиерот.

Кога професионалните војници ќе бидат прераспоредени во друга служба во други државни органи, тие ќе имаат решение за државна работа во друг државен орган, истакна премиерот, нагласувајќи дека тие ќе бидат редовно вработени, ќе продолжат да земаат плата од тие државни институции согласно закон и колективен договор и други прописи до нивното пензионирање согласно закон, односно додека не ги стекнат условите за пензија.

Владата, како што истакна тој, одлучи да донесе законски измени за материјално обезбедување на лицата кои останале невработени или технолошки вишок и по 2004 година од државни фирми или од фирми со доминатна државна сопственост. Тие ќе добијат по најмалку 7.100 денари односно 34 отсто од просечната плата остварена во минатата година плус здравстевено осигурување.

„Ги задолживме Министерството за економија, за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување за десетина дена да изготват законско решение со цел решавање на проблемот со невработените во фирми од државна сопственост или во кои државата  доминантен сопственик кои останале без работа заклучно со 31.12.2013. За нив ќе важат сите услови како и за лицата кои беа опфатени со претходниот закон“, соопшти премиерот Никола Груевски.

Тој уште еднаш нагласи дека ова решение нема да важи за невработените кои останале без работа во фирми кои не се во државна или доминантна државна сопственост бидејќи немаат право на тоа, туку само за оние кои останале невработени од државни или доминантно државни фирми.

Иако овие две донесе одлуки не беа дел од владината програма, како што истакна Груевски, сепак, биле согледани потреби за нивно донесување.