Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски при денешната посета на општина Сопиште истакна дека забележани се два тренда во разрешувањето и назначувањето на нови кадри од страна на Владата. Според него, или се назначуваат некомпетентни кадри или сето тоа се прави незаконски.
-Во делот на некомпетентни кадри или во делот на незоканско разрешување и назначување можам да издвојам неколку категории. На пример, назначување со несоодветно образование, на пример, се бара со земјоделски факултет, се става со машински факултет или назначување со несоодветно образование во смисла на степенот на образование, се бара со завршен факултет, се назначува со средно улилиште, посочи Груевски.
Појасни дека во делот на тврдењата за незаконско разрешување и назначување, има примери каде некои треба да ги разреши Собранието, но во овој случај тоа го прави Владата.
-Се разрешуваат некои што треба да ги разреши и назначи Парламентот, а Владата ги разрешува. На пример, ги назначил Парламентот, согласно законот, и треба да ги разреши Парламентот, доколку оцени така. Сега ги разрешува Владата и новите директно ги назначува Владата, спротивно на законот. Вакви примери има многу. Има и други вакви категории на несоодветно разрешување и назначување. Навистина, сето тоа загрижува, потенцира Груевски.
Вели дека Владата е во тотален хаос во однос на овие прашања, и оти брза само да стави кадри.
-Треба да се знае дека тој што е незаконски назначен, секоја негова наредна одлука е спорна, затоа што тој не е законски назначен, истакна Груевски, додавајќи дека во иднина ВМРО-ДПМНЕ ќе бара одговорност за ваквото постапување.