За Струмичко се предвидуваат многу проекти, меѓу кои е и доизградба на болницата во Струмица во вредност од четири милиони евра од која корист ќе имаат околу 230.000 жители, набавка на нови 125 медицински апарати за здравствените установи во Струмица, изградба на две нови детски градинки во Струмица, затворен пливачки базен со ватерполо димензии, четири тениски терени, две повеќенаменски и четири баскет игралишта и една отворена фитнес зона. Покрај тоа, планирана е и доизградба на театарот која е почната од темели, како и реконструкција на Културниот дом „Антон Панов“, рече Груевски.
Нагласи дека нивен фокус во наредните четири години ќе биде вработување и сопствен дом за секој човек. Посочи дека е планиран и проект „Од град во село“ за кој државата ќе нуди по 6.000 евра финансиска помош за сите оние што ќе се одлучат да го напуштат градот и да отидат во село и да започнат земјоделски бизнис.
За нив ќе важат и сите останати поволности што се нудат за земјоделците, а во првите 18 месеци ќе добиваат и по 15.000 денари додека не стигне првиот род. Услов е еден од брачните сопружници да биде помлад од 45 години, рече Груевски.
Потсети на успешниот проект „Купи куќа за млади до 35 години“ и најави нов проект кој ќе стапи на сила веднаш по изборите и ќе биде наречен „Купи куќа за лица над 36 години“. Со овој проект, како што кажа, државата седум години ќе кофинансира 65 отсто од ратата и каматата, а во наредните три години кофинансирањето ќе изнесува 35 отсто.
Груевски потсети и за сите поволности што се нудат за земјоделците и за руралниот развој и нагласи дека до август 2006 година кога дошле на власт воопшто немало субвенции за земјоделци, а во последните четири месеци од годината веднаш е направен ребаланс и 17 милиони евра им се доделени на земјоделците како субвенции. Во наредната 2007 субвенциите пораснале на 20 милиони евра, во 2008 на 45 милиони евра, 2009 – 70 милиони евра, 2010 – 110 милиони евра, за сега да достигнат од 140 до 150 милиони евра.
Кога дојдовме на власт погрдно не нарекуваа земјоделска партија, но ние се гордееме со тоа. Земјоделците го препознаа тоа и очекувам масовна поддршка на 11 декември за да кажеме не на политиките на Зоран Заев и на неговите поддржувачи од надвор и да им докажеме дека народот е мудар, знае да оцени и да процени за кого треба да гласа, потенцира Груевски.