Премиерот Никола Груевски утре ќе престојува во Охрид по повод одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление- Водици.
Оваа година во осветените води на Охридското езеро во потрага по светиот крст ќе се борат околу илјада Охриѓани. Манифестацијата ќе започне во 10 часот кај Градското пристаниште, а крстот ќе биде фрлен во водите на езерото околу 10,15 часот.
Македонскиот Ерусалим се подготвува за еден од најголемите празници и традиционалното чествување на Водици во водите на езерото, a се очекува и голем број на домашни и странски туристи.
Кум на овогодинешниот настан по повод Водици е охридскиот градоначалник Никола Бакрачески.
Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа и се верува дека тој што ќе го фати ќе го следи благослов и среќа цела година. Празникот се слави уште од вториот век и е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет, што го извршува Црквата на овој ден.