Груевски: Во Тетово реконструиравме и вработувавме, покажавме дека можеме да го оствариме ветеното

Пред десет години во Тетово бројот на вработени лица беше 12.500 луѓе, на крајот на 2016-та тој е 19.800 што значи дека досега е над 20.000, од 12 на 20 илјади вработени во општина Тетово. Тоа е владеење на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ и затоа ние можеме да ветиме 150.000 нови работни места, како дом за секој граѓанин кому му е потребен, инвестиции во патишта, здравство, образование…и народот да знае и да верува оти тоа ќе се случи, изјави во саботата вечерта на предизборниот митинг во Тетово лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Во Тетово реконструиравме преку 40 километри од регионалните патни правци во вредност од преку 290 милиони денари. Тоа е патот Тетово – Јажинце, патот Мала Речица – Боговиње, патот Тетово – Брвеница, патот Тетово – Фалиш, Тетово – Требож, Тетово – Бродец“, потсети Грувски.

Рече дека поради поголема безбедност направено е и осветлување на патот А2, кај влезот на клучката Тетово југ и клучки од автопатот Тетово – Гостивар.

„Изградени се два нови објекта за амбуланти во населените мести Желино и Вејце. Изграден е комплетно нов објект на дијагностичко-ургентниот центар во Клиничката болница во Тетово во вредност од преку 5 милиони евра. Инсталирани се и пуштени во употреба нова медицинска опрема, и тоа ангеограф, за коренографија и стентирање при срцеви удари, компјутеризирана томографија или томограф, магнентна резонанца, остеодензиотометар, кардиолошки ехоапарати, гинеколошки 4Д ехо апарати, инкубатори и многу друга најсовремена медицинска опрема во вредност од над 6 милиони евра опрема за тетовската Клиничка болница“, наброи Груевски.

Посочи дека за Тетово биле обезбедени три нови возила за потребите на Итната помош.

„Во болницата во Тетово извршена е реконструкција на санитарните јазли, замена на подови и дел од фасадната столарија. Инсталација на медицински гасови и обработка на фасада на објектите во состав на болницата“ рече Груевски.

Истакна дека се извршила реконструкција и санација на повеќе основни и средни училишта, меѓу кои „Гоце Делчев“, „Свети Кирил и Методиј“, „Кирил Пејчинович“, „Моша Пијаде“, „8-ми Септември“ и повеќе други.

Во новата ера, продолжи лидеот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се обрне внимание на секој кој нема своја куќа, свој стан, да се обезбедат услови за лесно, брзо и ефтино доаѓање до свој дом, за секој граѓанин кому му е потребен, преку мерки и активности-дел од нив ги започнавме пред изборите, дел од нив ќе дојдат по завршувањето на помрачувањето и враќањето на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на чело на Македонија.

„Во новата декада, во новата ера се предвидуваат инвестиции во патната инфраструктура- во нови автопати, во регионални патишта, во локални патишта. Република Македонија со возило да може од едно до друго место да се помине за максимум 80 минути, освен од крај до крај од еден до друг граничен премин максимум за 120 минути. Тоа ќе се случи со поголем број инвестиции во патната инфраструктура“, рече Груевски.

Потенцираше и дека се планираат мерки и активности за квалитетот на образованието, со повеќе знаење за младите луѓе и да стане поконкурентно во меѓународни рамки.

„Предвидуваме многу нови инвестиции во здравството, поефтино и поквалитетно здравство, грижа за пациентите и за лекарите и медицинскиот персонал и поголеми плати за нив, но главниот фокус да е на пациентот. Видовте што значи Влада што се грижи за својот народ, за сите што живеат во оваа држава. До крајот на наредната декада со новата стратегија се предвидува преку градба на многу нови капацитети во енергетиката се предвидува Македонија од нето увозник да стане нето извозник на електрична енергија. Нашата стратегија пред се значи вложувања и во иновации, економија заснована на иновации и на претприемништо“, потенцираше Груевски пред тетовци.

Додека, додаде тој, актуелната Влада се занимава како да ја урне оградата на Владата, неговата партија се занимавала како да го подобри животот на граѓаните.

„Додека тие размислуваа и зборуваа дали и кој споменик на некој македонски револуционер што го дал живото за слободата на Македонија да му се тргне споменикот, ние се занимававме со новите вработувања, со новите работни места и со новат аера на Македонија. Тоа е разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“, посочи Груевски.