Гледаме дека СДСМ немаат програми, односно имаат формални програми колку да покажат нешто и гледаме дека зборуваат за воздух, ветер и магла…, тие видоа дека не можат да нѐ победат со работа па удрија на криминални избори и избори преполни со поткуп и секојдневно се делат пари насекаде, истакна во неделата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на средбата со граѓаните од скопската населба Железара.
„Од цела Македонија јавуваат за делење пари, вчера и во Јурумлери истото се случувало, нашите информации се дека како никогаш досега има поткуп во цела Македонија и 20 милиони евра СДСМ инвестираа во поткуп. Од каде се тие пари, кој ги дал? Се разбира ги дал некој којшто има интерес СДСМ да дојде на власт, да победи за да заврши нечии туѓи интереси кои со во прашање. Овие пари се со цел да се исполнат целите за промена на името, редефинирање на државата, промена на идентитетот, како и јазикот. Во Македонија се спроведоа африкански избори, видовме пукнат череп на кандидат за градоначалник, убиен кандидат за советник, искршени штабови на ВМРО-ДПМНЕ, слики со пиштоли и полиција која молчи и чува стража додека СДСМ поткупува гласачи на различни места“, исткана Груевски.
Додаде дека секој ден со име и презиме се дознаваат лицата коишто потплаќаат за гласови, но нема реакции и следниот ден тие ја продолжуваат таквата активност.
„Луѓето коишто на 27-ми април оваа година упаднаа во Собранието живеат во страв, додека криминалците се на слобода, а патриотите по затвори. Немилите настани беа намерно испровоцирани откако тие сакаа на нелегален начин да донесат претседател на Собранието. Грешно беше што луѓето влегоа и ние го осудивме насилството, но што е тоа што подоцна го прави СДСМ? Ако има правда нека одговараат сите, но во оваа држава се покажа дека нема правда кога го пуштаат Красниќи од затвор да се смее на македонската јавност која ја држеше четири месеци под опсада и полнеше кутии на изборите. Нема правда и за пуштањето на Бајруш, нема правда и за Рахиќ, коишто наводно се во домашен притвор а напаѓаат градоначалници од нашата коалиција, нема правда и кога најавуваат дека ќе ослободуваат затвореници од затворите осудени за тешки сторени дела“, потенцираше Груевски.
Напомена дека лагите испливуваат на површината, оти лагите се гледаат, а од друга страна сиромаштијата расте, државата е на колена.
„Не заборавија да го склучат штетниот договор со Бугарија, се затрчаа уште првата недела во Софија, затоа што веројатно имаат некои обврски кон нив, нешто преземале, па сакаа уште првиот ден да го потпишат договорот, па им рекоа чекајте не брзајте, ќе испадне без никакви преговори. Да одглумиме два месеца за еве после да испадне дека нешто сме преговарале“, рече Груевски.
Груевски кажа дека тие потпишале она што ВМРО-ДПМНЕ не сакале да потпишат и напомена дека тие немаат ништо против Бугарија, како што кажа тие се наши соседи, дека треба да си пружаме рака и многу други работи, но не на овој начин, не со менување на македонската историја.
„Потпишаа и дека се откажуваат од македонското малцинство во Бугарија, се откажаа и од јазикот и затоа ние велиме, ајде на референдум, да го прашаме народот, да видиме народот што ќе каже за тоа. Па ако одобри народ во ред, но ако не одобри, тогаш ни ВМРО ни СДСМ не треба да го гласаат“, рече Груевски.
Кажа дека крајната цел е промена на името на државата, дека планираат ист таков договор како со Бугарија и да направат договор со Грција. Тој спомена и дека на средбата со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас од него добил порака дека Атина сака спорот со името да го реши како што Македонија го реши со Бугарија.
„Народот нема да го издржи ова долго, нема да издржи да му ја купуваат душата, затоа што македонскиот народ низ историјата покажал цврстина и знаел да ја крене главата против неправдата, што ни се случува сега“, додаде Груевски.
Порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да бидат скршени, дека заеднички со граѓаните ќе се спротистават. Тој, исто така, порача дека народот не треба да дозволи апсолутна власт. Спомена и дека СДСМ немаат направено ништо за Гази Баба никогаш.
„Во Железара се планираат многу работи, останува клучната работа на ВМРО-ДПМНЕ и натаму она што имавме досега, а тоа е отворањето нови работни места. Во општина Гази Баба во 2006 година во август, кога ВМРО дојде на власт, сѐ на сѐ, од цела општина имаше 7.400 вработени, на крајот на минатата година во Општина Гази Баба имаше над 15.400 вработени, над двојно повеќе – тоа е ВМРО!“, рече Груевски.
Кажа и дека секое дете во училиштата ќе добива бесплатен здрав оброк, како и дека актуелниот и кандидат за иден градоначланик на општина Гази Баба, Тони Трајковски, ќе обезбеди за сите оние кои немаат свој дом, да се даде градежно земјиште за едно евро од метар квадратен.
„Во Железара се планира завршување на водоводната мрежа, по должината на новопредвидениот булевар ‘Хрватска’, ќе се создадат услови за изградба на нова водоводна мрежа, со пумпна станица и резервоар за населбата Железара и Автокоманда’, изјави Груевски.
Додаде дека се предвидува изградба на атмосферска канализацијата во Железара, изградба на пешачки зони, ревитализација и модернизација на инфраструктурата во индустриските паркови, реконструкција на училишната сала во училиштето „Глигор Прличев“. Кажа и дека Трајковски ќе работи силно и непоколебливо за граѓаните на цела Гази Баба, меѓу кои се и оние од Железара.