Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на синоќешниот митинг во Кочани се осврна на крупните инвестиции најавени изминатиов период.
Тој истакна дека покрај многуте најавени инвестиции најавени изминативе недели, се објави најголемата инвестиција и според бројот на вработени и според висината на инвестицијата. Најавени беа 5000 вработувања во регионот Крива Паланка, Куманово, Ранковце, Кратово, Пробиштип.
„Тоа е голема работа за регионот. Во само три ипол недели во Македонија донесоа одлука 9 крупни компании да инвестираат во Македонија. Овде во Кочани веќе дојде компанијата Анфенол која ќе вработи 1500 лица и веќе вработи 120 луѓе. Дојде и компанијата Антура која веќе ја гради својата фабрика, најави инвестиција уште една компанија за производство на семиња за цвеќе од Холандија, дополнителни 100 работни места. Задоволни се од работниците, од условите за бизнис. Веќе го препорачуваат Кочани на своите партнери. Верувам дека во иднина ќе доаѓаат и други инвеститори и ќе отвораат нови работни места, рече Груевски.
Тој наброја дел од компаниите кои само во изминатиов кус период ја избраа Македонија како земја во која ќе инвестираат.
„Се најави гермaнската инвестиција во Охрид со 1000 вработувања, 800 во уште една компанија во охридско-струшки регион, во Скопје производител на машини за печатарство инвестиција со 200 директни вработувања, во Гевгелија инвестиција од 6 милиони евра со неколку стотици, Кичево 1000 вработувања инвестиција од автомобилска индустрија, украинската инвестиција во Скопје со 150 директни и 50 индиректни вработувања. Македонската компанија Сивус отвори 400 нови работни места во 8 градови низ Македонија. Денес Веибо груп со седиште во Кина, објави одлука дека ќе гради најголемата европска интегрирана текстилна фабрика, на 40 хектари со 5000 вработени, извоз 600-800 милиони долари за првите 5 години. Тоа е инвестиција од 400 милионин долари.Тоа е нашето работење, на тоа најмногу сме фокусирани“, рече Груевски.
Тој посочи дека во само 3 ипол недели се најавени околу 9000 директни и околу 4000 индиректни вработувања.
„За 25 дена најавени се 13.000 нови работни места. Така работи ВМРО-ДПМНЕ, така работи Коалицијата „За подобра Македонија“.