Груевски: За девет месеци 19.000 нови вработувања, до крајот очекуваме уште 6.000

Груевски: За девет месеци 19.000 нови вработувања, до крајот очекуваме уште 6.000
Груевски: За девет месеци 19.000 нови вработувања, до крајот очекуваме уште 6.000

Од формирањето на државата, од независноста, од 1991 година до овој момент Република Македонија има најниско ниво на невработеност во нашата историја. Во првите девет месеци од годинава вработени се 19.000 лица, а до крајот на годината се очекуваат уште 6.000 нови вработувања, изјави вечерва премиерот Никола Груевски во интервју за Сител Телевизија.

– Во годината кога ние дојдовме на власт невработеноста беше околу 38 проценти. Тоа беше рекордна невработеност не само во Македонија, туку и во Европа. Оттогаш па наваму, континуирано секоја година, секој квартал, без исклучок, имаме намалување на невработеноста, па дури и во време кога имавме светска финансиска криза, глобална економска криза и европска должничка криза. Дури и тогаш и во тие години кога невработеноста во другите држави растеше во Македонија опаѓаше, можеби некогаш за малку – мал пад, некогаш поголем пад на невработеноста, но секогаш опаѓаше и сега достигна историски рекордно ниско ниво од 26,8 проценти, рече премиерот Груевски.

Тоа сеуште, според него, е високо и имаме уште многу работа, но важно е дека досега зацртаното се реализира и покрај перипетиите што ги имавме со овие две кризи што постоеја.

– Само оваа година, од јануари до денеска, вработени се нешто над 19.000 луѓе. Значи, 19.000 нови работни места во 2015 година, од кои што околу 37 проценти, односно 5.800 претставуваат вработени од странски инвестиции што ги вработиле компании што се дојдени од странство и 7.150 се преку проектот „Македонија вработува“. Анализите покажуваат дека оваа година таа бројка ќе достигне некаде до 24.000, можеби и 25.000 вработени, што значи дека ќе има до Нова година уште шест до седум илјади нови работни места, истакна премиерот Груевски.

Тој нагласи дека она што е важно е дека освен преку проектот „Македонија вработува“ и странските инвестиции, имаме многу инвестиции кои се реализирани преку активните мерки за вработување на Агенцијата за вработување и на Владата, како што се самовработување, кредити за самовработување, земјоделски вработувања и редица други проекти коишто ги нуди Агенцијата за вработување.