Гледам дека актуелната марионетска власт се срами и се плаши да го слави овој празник. Ние нема од што да се плашиме и да се срамиме, народот на Македонија знае дека ВМРО секогаш била и ќе биде заштитник на интересите на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, и во добро и во лошо, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на денешната средба со граѓаните од штипската населба Три Чешми.
„Видовме дека СДСМ немаат ниту проекти, ниту сериозна програма и затоа ни зборуваат за воздух, магла и ветер. Видоа дека не можат да не победат со работа, па удрија на криминални избори, на заплашувања на втерување страв кај луѓето, на уцени и многу поткуп. Тоа е начинот како споредува СДСМ избори во Македонија, со поткуп и чувари од полицијата или дел од полицијата што во овој случај прифати да биде партиска полиција. Видовме дека на овие избори имавме скршен череп на градоначалник, убиен носител на советничка листа, искршени штабови на ВМРО-ДПМНЕ, следени кандидати за градоначалници, слики на партиски активисти во натпревар чиј пиштол подобро пука или е поголем, а полицијата молчи затоа што е соучесник. Секој ден со име и презиме дознаваме како потплаќаат гласови, информиравме но нема реакција. Следниот ден повторно продолжуваа, но нема да не скршат нема да им дозволиме да не скршат“, истакна Груевски.
Посочи дека народот гледа што се случува и еден ден СДСМ ќе сноси одговорност за стореното.
„Крајната цел е да се сузбие секој слободомислечки Македонец кој си ја сака државата, го сака својот јазик, идентитет, име и преку разни механизми да делува дека сакањето на државата е нешто што не е модерно што е демоде, а дека модерно е хомосексуални бракови, легализирање на дроги се модерни. Ненормалното го прават нормално, нормалното го прават ненормално. Ќе дојде крајот и на ова време. Секој кој помислил да си ја штити државата, како што беше на 27 април, секој кој снимал документарни филмови за македонските дејци и херои, кој бил вклучен во градба на споменици, денес треба да се живее во страв дека може нешто да му се случи. Криминалците на слобода, а патриотите по затвори. Красниќи на слобода, Едмонд Темелко во затвор. Убијците на децата од Смилковското езеро на слобода, а дедото за кубење коса четири години затвор“, рече Груевски.
Истакна дека немилите настани на 27 април биле намерно испровоцирани.
„Кога гледаме како секојдневно се ослободуваат криминалци, Бајруш кој има пресуди и кривични дела покажува сила и два прста дека неговиот лидер Заев го ослободил, кога гледаме како планираат да пуштата над 1.050 затвореници сторители на тешки кривични дела, нема простор понатаму д продолжи процесот против луѓето кои беа предизвикани на 27 април да влезат во Собранието и ние ќе се бориме со сите наши средства и инструменти во рамки на институциите да им помогнеме“, рече Груевски.
Посочи дека додека се прават спектакли од страна на СДСМ, економијата оди надолу.
„Индустриското производство паѓа, извозот паѓа, паѓаат девизните резерви на државата. Паѓаат прогнозите за раст,Македонија е сериозно економски разнишани. Нема нови инвестиции, ниту нови работни места, просечната плата не само што не расте, таа почна да се намалува. Нема раст на пензиите, стандардот оди надолу, сиромаштијата расте, државата е на колена. Но, не заборавија да склучат штетен договор со Бугарија каде се откажаа од македонското малцинство во Бугарија, каде се откажаа од македонскиот јази и каде прифатија да се менува историјата на Македонија. Затоа ние излеговме со иницијатива да се праша народот на референдум, дали тој се согласува за ваков штетен договор. Главната цел е промена на името и идентитетот. Тука е и трајното населување на мигранти. Има намера да им даде трајно државјанство и да ги направи негови гласачи. Зголемувањето на даноците, прифаќањето на двојазичноста во Македонија со неуставен закон и редефинирањето на бракот, односно овозможување на хомосексуални бракови“, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Рече дека сѐ уште не е доцна и дека заедно со народот ќе се борат за државните и национални интереси.
„Владеат со страв за да не се види големата слика, но нема помрачување кое не било осветлено од народот. Порачувам дека нема да не скршат, нема да не поколебаат, ниту да не исплашат. Заеднички ќе се спротивставиме со народот. да не дозволиме апсолутна власт во државата“, нагласи тој.
Груевски рече дека во годините наназад СДСМ ништо не направиле за Штип.
„Ако ви велат дека пет месеци е кратко, помислите што за тие пет месеци направи Илчо Захариев, колку работи ги изгради и направи.Ќе обезбедиме учениците од прво до петто одделение да добиваат здрав и бесплатен оброк од општината и со тоа да се растеретат родителите. Општината Штип ќе овозможат можности за граѓаните за стекнување на сопствен дом по симболична почетна цена по само 1 евро за метар квадратен на земјиштето и ќе се намалат комуналиите. Нудиме концепт во кој нема да има неасфалтирани и неосветлени улици. Ќе има паркови во секое маало. За Штип нашата цел е подобрување на патната инфраструктура и затоа ќе продолжиме со изградба и реконтрукција на локалните патишта, приградските населби ќе се поврзат со градскиот водоводен систем и тоа ќе овозможи граѓаните да пијат чиста и исправна вода“, нагласи Груевски.