Го слушнав пред малку Заев како вели дека ништо веќе не зависи од Никола Груевски. Со тоа самиот призна дека се создадени сите услови за да се оди на 5-ти јуни на избори. Затоа Заев, ајде собери храброст и соочи се со народот, наместо да се обиколуваш со луѓе кои аплаудираат за се и се пресреќни што само за еден месец се пролонгирале изборите и големиот пораз кој ве чека, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во своето обраќање синоќа.
Ја слушав пред малку и реториката на СДСМ во парламентот, со очаен обид да прикажат некаков триумфализам, кажувајќи дека ова било нов пораз на Никола Груевски. Јас ќе им порачам: до 5-ти јуни можете да зборите и да глумите се, па дури и победници. На 5ти јуни ќе се срамите од самиоте себе. На 5-ти јуни ќе видете кој е победникот и кој е поразениот, и сегашната вештачка насмевка, нагло ќе ја загубите. Велам вештачка насмевка, затоа што по објавената проценка на САД и ЕУ, колку и да таа беше политичка одлука без аргументи, СДСМ единствениот спас го чекаа во поинаква наша одлука од оваа која вечерва ја донесовме. Сега и тоа го загубија, рече Груевски.
А на 5-ти јуни, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе видат кој победува, а кој губи.
Излегле или не на избори, ќе видат што е референдумско гласање за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија, како политичка гарнитура која најенергично и најодговорно се бори за македонскиот народ и сите граѓани на Република Македонија, рече Груевски.