
Министерот за надворешни работи Никола Попоски за време на лидерската средба го замолил Зоран Заев, во понеделник од пред Влада да се тргнат шаторите, додека трае собирот на граѓани. Лидерот на СДСМ го одбил тоа. За ова во Вестите на Сител информираше премиерот Никола Груевски.
-За тоа ние ќе направиме промена на локацијата, а по тоа се гледа дека човекот сака судир и да дојде до проблеми, па кога ќе се судрат граѓани тој да се извлече. Но тоа нема да му го дозволиме, ние нема таму да однесеме народ за да дојде до меѓусебни физички презметки. Но ќе покажеме со целиот народ дека оваа држава има народ со крената кичма и нема да дозволи некој од надвор со некој инструмент, некој полтрон на нечии интереси да ја руши власта и да спроведува туѓи сценарија, додаде Груевски.
Премиерот истакна дека собирот на 18 мај ќе биде мирен и ненасилен.
-Јас се надевам дека тоа ќе биде и со протестот во недела кој го организира СДСМ, кој се крие зад разни здруженија, а со тоа создава сомнеж дека планирале нешто и поради тоа не застанеле на чело. Зошто тие не се на чело, зошто се кријат зад СОРОС и здруженија, запраша Груевски.
Премиерот истакна дека на оние кои ќе бидат насилни соодветно ќе им се одговори и ќе одговараат согласно демократските принципи, Уставот и законите.