Груевски: Заев со лаги интриги ја избрка холандската „Антура“ од Струмица

Инвестицијата на холандската компанија „Антура“, која во Кочани инвестираше 6 милиони евра досега вработи 100 лица, а во наредниот период ќе го зголеми бројот на вработени за уште 200 нови вработувања, е резултат на добрата соработка со странските инвеститори и компанија која веќе ме покани на официјалното нејзино отворање  на 6 мај оваа година.

За ова денес говореше премиерот и лидер на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски на Народниот собир во Штип.

– И кога сме веќе кај „Антура“, да кажам и една анегдота што ни се случи. Кога ја донесовме „Антура“ во Македонија, покрај во Кочани, со обзир на земјоделската дејност поврзана со производство на семе за цвеќиња, ја однесовме и во Струмица. Имајќи ги во обзир климатските услови таму, но и фактот што се трудиме и таму да се отворат нови работни места, им ја преставивме Струмица најдобро што знаме и умееме. И нели потоа треба да ги поврзиме со градоначалникот  бидејки освен добредојде треба да им влее сигурност дека ќе имаат сериозен и кредибилен градоначалник, и да им најде земја, локација за фабриката и да им ја продаде за веднаш да почнат да градат фабрика, рече Груевски, додавајќи оти на прв поглед се било во ред, а сите тие биле среќни и задоволни.

Градоначалникот, подвлече, срдечно ги пречекал, и им ветил се што прашале. Најважно, истакна Груевски, им беше да има спремна локација со маркица за фабрика, за веднаш да почнат со градба бидејки имаа многу нарачки.

– Добија ветување и веднаш беа однесени на локацијата, а потоа градоначалникот по некој ден ги повика сите локални медиуми за да им каже дека тој лично донел инвеститор од Холандија во Струмица кој ќе гради фабрика и ќе вработи 300 луѓе токму на таа локација каде дојдоа новинарите поканети од него. Луѓето кои долго работеа на убедување на инвеститорот беа изненадени како тоа одденаш нивниот труд Заев целосно си го препиша на себе, дел од нив реагираа и јавно,но тој остана на тоа цврсто дека тој лично го пронашол и убедил инвеститорот, рече премиерот Груевски.

Според премиерот и лидер на ВМРО – ДПМНЕ најважно било да дојде инвеститорот и да има вработувања. По некој месец, информираше Груевски, инвеститорот ја купил локацијата, и тогаш инвеститорите се соочиле со карактерните особини на градоначалникот.

– Иако им ветил локација со маркица за градење фабрика, бидејки веројатно немал таква спремна во моментот, без да ги информира, им продал локација за градење на катна гаража и зелен пазар.Кога дознале, неверувајки што ги снашло, инвеститорите побарале објснување  од него, а добиле одговор ич да не се секираат, кај да е за 6-7 месеци ќе го смени планот и потоа ќе може да почнат градба. Кога виделе со кого си имаат работа, кога се пресметале колку ќе ги чинат тие 6-7 месеци чекање, кога веројатно им текнало дека ако еднаш ги излажал, може пак да им се случи, рикверц, и директно кај Ратко градоначалникот на Кочани, кој како и претходно ги дочекал подготвен со се што им треба, како и секој сериозен градоначалник. Е затоа денес во Кочани се вработуваат невработени, а во Струмица на таа локација сеуште има само обична празна земја без фабрика, истакна Груевски.

Во таа насока тој нагласи дека со лаги и интриги, не се привлекуваат инвеститори, туку со работа, труд и чесен и искрен однос.

– Жалам само за многу невработени од Струмица за кои оваа ќе беше шанса и препород, рече премиерот Никола Груевски.