Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денес заедно со министерот за надворешни работи, Никола Попоски, присуствуваше на Виенскиот економски форум што се одржува во Тирана, Република Албанија.
На Виенскиот економски форум присуствуваа и премиерите на Република Албанија, Еди Рама, на Република Србија, Александар Вучиќ, на Република Косово, Иса Мустафа, на Република Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, како и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.
Балканските лидери истакнаа дека преку економскиот раст, подобрата инфраструктура и креирањето на работни места би се намалиле разликите помеѓу земјите од Балканот и земјите од Европската Унија.
Свое обраќање на форумот имаше премиерот Никола Груевски. Тој во своето обраќање истакна дека европските интеграции се забрзувач на реформите и се движечка сила со која се мобилизираат ресурси и енергија за да се унапредат реформите и државите да одат напред.
– Нашата држава е мултиетничка и би истакнал дека европските и евроатланските интеграции се главен кохезивен фактор меѓу различните етнички заедници. Од оваа гледна точка Македонија е посветена и со фокус на реформите и на се што е потребно за да биде што е можно побрзо подготвена да се придвижи во процесот на интегрирање во Европската Унија, истакна премиерот Груевски.
Тој посочи дека ако не се случеше попречувањето од јужниот сосед, Македонија ќе беше членка на НАТО и ќе се финализираа преговорите за членство во Европската Унија.
– За нас исто така е многу важно што е можно побрзо да се отпочнат преговорите за членство во Европската Унија. Примерот со Словенија и Хрватска може да биде добар пример и за нас. Отпочнување на паралелни преговори со нашиот јужен сосед за решавање на билатералните прашања и во исто време паралелни преговори за полноправно членство ќе биде многу корисно за нас и регионот и ќе биде стимул за решавање на многу прашања вклучително и прашањето со нашиот јужен сосед, истакна премиерот Груевски.
Претседателот на Владата Груевски посочи дека во меѓувреме се работи на континуирани реформи за да државата оди напред, притоа важни за Македонија се и добрососедските односи помеѓу државите и добрата регионална соработка. Тој истакна дека регионалната соработка значи и дека сите лидери на државите од Југоисточна Европа треба да бидат многу внимателни и одговорни во изјавите и во пораките кои ги праќаат бидејќи тие пораки ги следат граѓаните и секоја несоодветна порака може да предизвика негативни чувства, што не е добро.
Тој посочи дека Владата е фокусирана на економијата и креирањето на повисок стандард за граѓаните, за што е обезбедена и поволна бизнис клима, и чекорите кои се направија помогнаа да се донесат странски инвеститори и да се охрабрат домашните што придонесе да се намали проблемот со невработеноста.
Премиерот на Република Албанија Еди Рама во своето обраќање на Виенскиот економски форум истакна дека регионот поминува низ уникатен позитивен моментум што поттикнува надеж, нови перспективи и просперитет, и посочи дека Виенскиот економски форум е клучен за забрзување, поддршка на тој позитивен моментум. Народите во регионот се поврзани со заеднички сон, а тоа е Европа, изјави албанскиот премиер Рама.
Премиерот на Србија Александар Вучиќ истакна дека државите не може да спроведат реформи без добра регионална соработка што е столб за стабилност не само за овој регион, туку за целата Југоисточна Европа.
Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски на маргините на Виенскиот економски форум оствари билатерални средби и разговори со премиерите на Република Албанија Еди Рама, со премиерот на Република Црна Гора Мило Ѓукановиќ, со премиерот на Република Косово Иса Мустафа, и со премиерот на Република Србија Александар Вучиќ.
На средбите се разменија ставови за билатералната соработка и заедничките приоритети за целосна интеграција на регионот во Европската Унија.
– Разменивме мислења за севкупните случувања во регионот и во нашите држави и се договоривме да имаме уште посилна соработка во правец на зајакнување на нашите позиции како држави, зајакнување на регионалната и меѓусоседската соработка во остварувањето на заедничката цел членство во Европската Унија, и интеграција во НАТО на државите кои се уште не се нејзини членови, изјави премиерот Груевски по билатералните средби и разговори со своите колеги.