Пет малолетници од Струмица и еден од селото Просениково се сомничат од страна на полицијата дека во јануари и февруари годинава извршиле 25 кривични дела на подрачјата на општините Струмица, Богданци и Гевгелија, информираа денеска од СВР Струмица.
Струмичката полиција до Основното јавно обвинителство поднела три известувања за шесте малолетници заради постоење основи на сомнение дека сториле 10 кривични дела „тешка кражба на дрзок начин“, пет кривични дела „разбојништо“, две кривични дела „тешка кражба со искористување на немоќ или несреќа на друг“ и по едно кривично дело „одземање на моторно возило“, „тешка кражба во обид“ и „кражба“.
Освен овие кривични дела, за пет од малолетниците полицијата се сомнева дека заедно со Р.Е. (22) од Скопје, кој престојувал во Струмица, извршиле и други шест кривични дела.
За сторените кривични дела СВР Струмица доставил известување и до Центарот за социјални работи Струмица, а за еден од малолетниците, од страна на Основен суд Струмица, е доставен упатен акт и тој бил пренесен во Воспитен дом Тетово.