Група стручњаци на ОН ги повикуваат сите земји да ја признаат Палестина

Група стручњаци на Обединетите нации во понеделникот ги повикаа сите земји да ја признаат палестинската држава за да се постигне мир на Блискиот исток.

Повикот доаѓа по седмицата во која Шпанија, Ирска и Норвешка формално ја признаа палестинската држава, што го налути Израел, кој станува сѐ повеќе изолиран на меѓународно ниво поради војната во Газа.

Експертите, вклучително и специјалниот известувач на ОН за човекови права на палестинските територии, рекоа дека признавањето на палестинската државност е важно за правата на палестинскиот народ и неговите напори за слобода и независност.

„Тоа е предуслов за траен мир во Палестина и на целиот Блиски Исток и започнува со итно прогласување на прекин на огнот во Газа и запирање на понатамошните воени упади во Рафах“, нагласија тие.

„Решението за две држави останува единствениот меѓународно договорен пат кон мир и безбедност и за Палестина и за Израел и е излез од генерациските циклуси на насилство и гнев“, се додава во објавата.

Со нивното признавање, Шпанија, Ирска и Норвешка сакаат да го забрзаат постигнувањето мир во Газа. Трите земји изразија надеж дека тоа ќе го забрза признавањето на другите западни земји. Данскиот парламент подоцна одби да го стори тоа, а Словенија ќе го разгледа во вторник. Израел се противи на признавањето на Палестина, тврдејќи дека тоа го зајакнува Хамас.