Поголема група граѓани, меѓу кои и деца во саботата не можеле да се симнат од врвот на Водно со Жичницата поради силниот ветер, информираат од Центарот за управување со кризи и додаваат дека проблемот бил надминат откако Жичницата била повторно ставена во употреба.
„На телефонски број за итни повици 112 во 15:40 часот добиена е пријава од лице кое се наоѓало кај крстот на Водно, каде известува за поголема група луѓе меѓу кои и многу мали деца кои чекаат да се симнат по жичницата, меѓутоа поради големите ветрови на истите од страна на вработените на жичницата не им е дозволено да се симнат со лифтот“, наведуваа од ЦУК.
Лицата побарале помош за симнување, посочувајќи дека биле известени од страна на вработените во Жичарата дека патот е подзамрзнат и тешко е со кола да се стигне до местото каде се наоѓале луѓето.
За настанатата состојба ЦУК го известило одговорното лице од Град Скопје и ЈСП Скопје. По извршените контакти со одговорното лице, Жичарницата била ставена во функција и луѓето безбедно се симнале надолу до Средно Водно.
Од страна на Град Скопје е известен и Црвениот Крст чии претставници се наоѓале на лице место и им помагале на луѓето безбедно да се симнат надолу.
Состојбата е надмината и временските услови се стабилизирани, соопштија од ЦУК.