Груeвски им го честита Песах на Евреите

Претседателот на Владата, Никола Груевски, упати честитка до претседателот на Еврејската заедница, Берта Романо Николиќ и до припадниците на Еврејската заедница, по повод празникот Песах.

„Како најсилен бележник на легитимно остварените права и слободи, но и симбол на еврејскиот идентитет, историја и традиција, овој празник претставува богатство за мултиетничкиот и мултикултурниот карактер по кој е препознатлива Република Македонија. Наша е должноста и обврската да ги негуваме ваквите обележја, затоа што Република Македонија обединува еден отворен простор во кој се слават различностите, простор каде односите се темелат на почитување на човековото достоинство и права, почитување на принципите на демократија, отвореност и соработка. Јас сум уверен дека и во иднина достоинствено ќе продолжиме да работиме за продлабочување и унапредување на ваквите вредности“, се вели во честитката од Груевски.