Грузија ги депортира учесниците на протестите во Тбилиси

Од Грузија се депортирани уште 25 учесници на антивладините протести изминатите два месеца, соопшти во саботата тамошното Министерство за надворешни работи на својата веб-страница.

„Меѓу депортираните, во однос на кои Одделот за депортации при министерството за внатрешни работи започна постапка за протерување, има и странски државјани кои учествуваа на протестите во Тбилиси во периодот ноември-декември, и кои судот ги осуди на различни административни казни, вкупно 25 лица“, се наведува во објавата.

Како што се истакнува во објавата, во изминатите два месеца од Грузија се депортирани досега вкупно 91 странски државјанин, кои се приведени во безредијата при протестите на прозападната опозиција во главниот град Тбилиси. Од нив некои доброволно ја напуштиле Грузија.

Што се однесува до податоците за целата 2024 година, од земјава се протерани вкупно 430 странци, што е за 126 отсто повеќе од бројката од 2023 година. Меѓу нив има државјани на Иран, Алжир, Индија, Мароко, Шри Ланка, Египет, Пакистан, Нигерија, Ирак, Турција, Азербејџан, Русија, Туркменистан и други земји.

Уште на почетокот од декември, владејачката партија Грузиски сон, обвинувана од опозицијата и Брисел за наводна проруска политика, обвини дека најмалку една третина од идентификуваните на неодамнешните протести во Тбилиси се странски државјани, чиј пратеник прецизираше дека меѓу нив има многу руски државјани кои ја напуштија земјата по почетокот на инвазијата во Украина, како и луѓе од Украина, САД, Велика Британија и Холандија.

Антивладините протести избија во грузискиот главен град минатата недела, откако премиерот Иракли Кобахидзе објави дека ќе ги замрзне пристапните преговори со ЕУ до 2028 година поради „постојаните уцени и манипулации“ на Брисел со внатрешната политика на Грузија.

Про-ЕУ демонстрантите оттогаш излегоа на улиците, и постојано имаше судири со органите на редот, палејќи огномети и фрлајќи молотови коктели кон полицијата, како и палејќи ја зградата на парламентот. Полицијата возврати со солзавец и водени топови во обид да ги растера демонстрантите, од кои повеќе од 200 беа уапсени. За време на протестите се повредени и повеќе од 110 полицајци.

Премиерот Кобихидзе ги критикуваше протестите како „напад врз уставниот поредок“ во Грузија и ги обвини за граѓанските немири „политичарите на ЕУ и нивните агенти“. Тој, исто така, тврдеше дека Западот се обидува да организира револуција во стилот на Мајдан во Грузија, мислејќи на државниот преврат во Киев во 2014 година, поддржан од САД и ЕУ, кој го собори демократски избраниот претседател на земјата и го забрза актуелниот конфликт меѓу Русија и Украина.

Грузискиот лидер рече дека оние што стојат зад протестите нема да можат да го реализираат „сценариото на Мајдан“ во неговата земја, бидејќи „за разлика од Украина во 2013 година, Грузија е независна држава со силни институции и што е најважно, искусни и мудри луѓе“.