Грузија со убедлива победа си заминува од Скопје

Македонската фудбалска репрезентција вечерва во Скопје загуби со убедливи 0-3 од Грузија во рамки на 3.коло во Лигата на нации.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски добија фудбалска лекција во второто полувреме и ги загубија шансите за првото место во групата 4 од Лигата Ц, кое носи место во баражот за пласман на Европското првенство во 2024 година.

По првиот дел немаше голови на арената „Тодор Проески“, но во вториот дел гостите буквално ја распарчија Македонија. Победата ја најави Зивзивадзе во 52.минута. Кваратскелија со гол од далечина зголеми на 0-2 десет минути подоцна. Конечниот резултат го постави Китеишвили во 84.минута од натпреварот.

По три одиграни кола Гризија има максимални 9 бода, Македонија е втора со четири, додека Бугарија има два, откако вечерва одигра реми со Гибралтар. Аутсајдерот во нашата група го освои првиот бод, но и натаму останува на дното.

Во недела, Македонија повторно игра во Скопје и го пречекува Гибралтар во рамки на 4.коло.