
Грузискaта претседателка Саломе Зурабишвили во саботата изјави дека парламентот на земјата нема легитимитет и дека нема намера да ја напушти претседателската функција по истекот на нејзиниот мандат во декември, што бездруги ќе ја втурне Грузија во длабоки политички турбуленции и немири.
Владејачката партија Грузиски сон, обвинета за наводен авторитаризам и проруски тенденции, освои речиси 54 отсто од гласовите на изборите во октомври, за кои опозициските партии тврдат дека биле наместени.
„Собранието нема легитимитет, нелегитимен парламент не може да избере нов претседател и затоа нема да има инаугурација. Мојот мандат продолжува додека не се формира легитимен парламент“, рече претседателката чиишто уставни овластувања се главно церемонијално а мандатот ѝ истекува во декември годинава..
Зурабишвили, која во Грузија дојде од Франција чие државнаство исто така го има а на позицијата дојде со поддршка на Грузиски сон, на денешниот брифинг со новинарите рече дека претседателската канцеларија е единствената преостаната легитимна институција во земјата.
По деценискиот ангажман француската дипломатија, Зурабишвили од 2003 до 2004 година беше амбасадорка на Франција во Грузија. Во 2004 година, со заеднички договор меѓу претседателите на Франција и Грузија, таа го зема и грузиското државјанство и стана министерка за надворешни работи на Грузија. За време на нејзиниот мандат во грузиското Министерство за надворешни работи), таа преговараше за договор што доведе до повлекување на руските сили од неспорните делови на грузиското територија. Во 2005-2006 година, стана лидерка на „Општественото движење Саломе Зурабишвили“ а подоцна челничка на партијата Грузиски пат.
Обраќањето на претседателката дојде во време на протести во грузискиот главен град Тбилиси и други градови кои се синхронизираат откако премиерот Иракли Кобахидз објави дека владата ги замрзнува пристапните преговори со Европската унија до крајот на 2028 година поради „уцените“ од Брисел.
Замрзнувањето на преговорите предизвика незадоволство во земјата чиј устав ја предвидува целта за членство во Европската унија.
Премиерот ги обвини противниците за замрзнување на преговорите за пристап во ЕУ дека планираат таканаречена обоена насилна револуција како протестите на Мајдан во 2014 година со кои со помош на Западот во насилствата со стотици мртви беше соборен прорускиот претседател на Украина и тогаш владејачката партија и Киев тргна напатот кој по осум години доведе до руска инвазија во соседната земја.
ЕУ претходно објави дека патот на Грузија кон членство во ЕУ е закочен поради законите за легимитирање на ткн „странски „агенти“, односно лица и организации вклучително и партии кои се финансираат од странство, како и прописи со кои се ограничува промоијата на ЛГБТ идеологијата.
„Сценариото Мајдан не може да се реализира во Грузија. Грузија е држава и државата, се разбира, нема да го дозволи тоа“, рече Кобахидзе, пренесуваат грузиските медиуми.
Грузиското Министерство за внатрешни работи во саботата соопшти дека полицијата уапсила 107 лица во главниот град Тбилиси во текот на ноќта додека демонстрантите изградиле барикади долж централната авенија Руставели и фрлале пиротехнички средства.
Во саботата вечерта, илјадници луѓе повторно се собраа во центарот на Тбилиси за да продолжат да вршат притисок врз владата да ја повлече контроверзната одлука. Полициски сили се распоредени во градот за да ги потиснат безредијата.