Грузискиот парламент во четвртокот даде првично одобрување на пакетот нацрт-закони со кои се ограничува промовирањето на ЛГБТ заедицата, што според опозицијата и Западот кој ја поддржува наводно ќе воведат широки ограничувања на правата на овие лица, а се однесува на забрана на промовирањето и пропагирањето на истополови врски и операции за промена на полот.
Пакетот, предложен од владејачката партија Грузиски сон и кој може да ги забрани парадите на гордоста и јавното истакнување на ЛГБТ знамињата со виножито, беше одобрен од мнозинството пратеници. Треба да помине уште две читања пред да стане закон.
Претседателот на парламентот Шалва Папуашвили претходно овој месец изјави дека за второто и третото читање на законот ќе се гласа наесен, пред парламентарните избори закажани за 26 октомври. Посочи дека е потребно да се контролира „ЛГБТ пропагандата“ која ги „менува традиционалните односи“.
Законот ќе им забрани на нехетеросексуалните двојки да посвојуваат деца и ќе го спречи менувањето на полот на личните документи. Нема да бидат дозволени ниту јавни собири кои промовираат истополови врски. Ќе биде забранета ЛГБТ пропагандата во образовниот систем, како и прикажување интимни односи меѓу истополови парови на телевизија.
Според анкетите, грузиската јавност не ги одобрува истополовите врски. Истополовите бракови се забранети со устав во земјата во којашто е силно изразена религиозната приврзаност кој христијанството од источен обред.