Грузискиот парламент го усвои законот за „странски агенти“

Грузискиот парламент во вторникот овторно го усвои закон со кој се прави потранспарентна работата на невладините и другите организации финансирани од странство, и покрај протестите организирани од опозицијата поддржувана токму од невладините организации финансирани од западните земји и претседателското вето.

Во завршниот чин во вторник, претставниците во Тбилиси го заобиколија ветото на претседателката Салома Зурабишвили. Таа рече дека законот кој бара од невладините финансирани од странство да се регистрираат како „странски агенти“ е „руски во суштина и природа“, бидејќи и во Русија пред повеќе години беше донесена слична мерка.

Меѓутоа, грузискиот парламент го усвои законот со кој невладините организации финансирани од странство се назначуваат како „странски агенти“. Станува збор за закон донесен по урнекот на американскиот Закон за регистрација на странски агенти (FARA) од 1938 година кој уште е на сила и е осмислен да го ограничи влијанието на странските влади и странската пропаганда во САД, кој налага од „агентите“ или оние што ги промовираат интересите на странска сила или „странскиот налогодавец“ да го обелоденат таквиот однос и сите активности или финансирања поврзани со промовирање на споменатите интереси.

Грузискиот парламент го поддржа законот минатата седмица, и покрај протестите во Тбилиси и повиците од Европската унија и САД да не го прават тоа. Илјадници Грузијци протестираа против законот, за кој стравуваат дека ќе го загрози патот на Грузија кон ЕУ и ќе ги замолчи организациите и медиумите кои ја критикуваат владата.

Но, на крајот, владејачкото мнозинство сепак го одобри законот, со кој се ограничува странското влијание врз невладините организации и го зајакнува надзорот над нив и независните медиуми, кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од надвор.