Телевизиската мрежа Ал Џезира објави дека поседува мејлови кои покажуваат дека главните луѓе на Гугл доброволно соработувале со Националната агенција за безбедност.
Ал Џезира наведува дека поседува две преписки по електронска пошта меѓу генералот Кит Александер, директор на НСА и основачот на Гугл, Сергеј Брин и извршниот претседател на компанијата, Ерик Шмит.
Покрај тоа, Ал Џезира наведува дека овие преписки датираат од времето пред Едвард Сноуден да обелодени дека НСА преку интернет ги шпионира луѓето.
Во мејлот што е испратен на 28-ми јуни 2012 година, Кит Александар го повикал Шмит да присуствува на четиричасовен „доверлив состанок околу закани“ што ќе се одржи на осми август во „сигурен објект во близина на аеродромот во калифорнискиот град Сан Хосе“.
„Разговорот на состанокот ќе биде на одредени теми и ќе биде посветен на донесување одлуки, со фокус на мобилноста на заканите и безбедноста“, напишал Александер во мејл, до кој што Ал Џезира дошла на основ на барање во согласност со Законот за слобода на информации.
Ова, како што наведува телевизиската мрежа, прв од повеќе десетина записи за комуникацијата меѓу шефот на НСА и челникот на Гугл.
Објавено е дека Шмит не бил во можност да присуствува на тој состанок, но дека одговорил дека би сакал да присуствува следниот пат.
„Хафингтон пост“ пренесува изјава на портпаролот на Гугл во која вели:
„Ние многу се трудиме и напорно работиме да ги заштитиме нашите корисници од сајбер напади. За тоа разговараме со експертите, вклучувајќи ги повремено и во американската влада.“
Главните луѓе на Гугл по откритијата на Сноуден соопштија дека не и’ дозволуваат пристап на американската влада до нивните сервери и лични податоци на корисниците, освен ако за тоа не постои законска обврска.