Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш предупреди во четвртокот во Токио на опасноста од „непромисленото влегување во војна“ со Северна Кореја, повикувајќи проблемите во односите со оваа држава да се решаваат преку дипломатски пат.
„Најлошата можна работа би било непромислено да влеземе во војна којашто би можела да има драматични околности“, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во текот на неговата посета на јапонската престолнина Токио.
Советот за безбедност при ОН донесе неколку пакети санкции во обидите да ја натера изолираната Северна Кореја да се откаже од балистичката и нуклеарната програма коишто ги забрани за Пјонгјанг.
Овие санкции „во прв ред мора да ги почитува Северна Кореја, но и другите земји кои имаат важна улога и кои во целост мора да ги почитуваат“ за „нуклеарното оружје да биде отстрането од Корејскиот полуостров“, рече Гутереш.
„Пресудно е единството во Советот за безбедност (…) Но важно е и да се предвиди и можноста од дипломатски контакти коишто ќе овозможат денуклеаризацијата да се спроведе на мирен начин“, истакна челникот на светската организација.
Јапонскиот премиер Шинзо Абе, кој ја даде изјавата во друштво на генералниот секретат на ОН, повика, исто така, „потполно да се спроведе резолуцијата на Советот за безбедност при ОН“ заложувајќи се за дијалог кој ќе биде во полза на нуклеарното разоружување“.
Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон во вторникот изјави дека САД се подготвени на преговори со Северна Кореја „без никакви услови“ иако се решители со сите средства, па и воени, да осигураат Пјонгјанг да се откаже од нуклеарното оружје.