Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, побара во средата запирање на „нелегалната израелска колонизација“ на палестинските територии кои меѓународната заедница ги смета за окупирани од Израел по војната од 1967 година, осудувајќи го истовремено „тероризмот“ додека се шири насилството на Западниот брег.
„Секоја нова населба е нова пречка на патот кон мирот. Секоја колонизациска активност е нелегална според меѓународното право и мора да престане. Во исто време, поттикнувањето насилство не води никаде. Ништо не може да го оправда тероризмот, од кој сите мора да се откажат“, Гутереш во Комитет за правата на палестинскиот народ при ОН.
Овој комитет, формиран во 1975 година, се состана во седиштето на ОН во Њујорк во моментот кога десет Палестинци беа убиени, меѓу кои и еден шеснаесетгодишен, а повеќе од 80 беа ранети од израелски оган во Наблус, местото на крвавите судири во северниот дел од палестинската енклава Западен брег (на реката Јордан), според палестинските власти.
Станува збор за најсмртоносниот напад на Западниот брег од најмалку 2005 година, а може да се спореди со оној на 26-ти јануари во Џенин, исто така на северот на Западниот брег, во кој загинаа десет Палестинци, меѓу кои борци и 60 -годишна жена.
Гутереш оцени дека ситуацијата „на окупираната палестинска територија е најопасна во последните години“, со „екстремни тензии“ во контекст на „блокадата“ на израелско-палестинскиот „мировен процес“.
„Наш прв приоритет е да спречиме понатамошна ескалација, да ја намалиме тензијата и да воспоставиме мир“, рече генералниот секретар во присуство на палестинскиот амбасадор во ОН, Ријад Мансур.