Гутереш „длабоко загрижен“ поради новиот закон на Пјонгјанг за нуклеарното оружје

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, е „длабоко загрижен“ поради новиот закон во Северна Кореја кој го гарантира правото на користење на превентивни нуклеарни напади поради сопствената безбедност, изјави во петокот неговиот портпарол Стефан Дужарик.

Гутереш го повика Пјонгјанг да ги продолжи преговорите со „клучните страни“ за да се постигне „одржлив мир и целосна и докажлива денуклеаризација“ на Корејскиот полуостров, изјави Дужарик за новинарите.

Северна Кореја донесе нов закон кој ѝ дава право на земјата во самоодбрана да изведе превентивен нуклеарен напад, потег којшто според севернокорејскиот челник Кон Џонг-ун статусот на земјата како нуклеарна сила го прави „неповратен“ и забранува секакви разговори за денуклеаризација, објавија во петокот државните медиуми.

Овој потег следи во времето, кога според американските аналитичари, Северна Кореја се подготвува за продолжување на нуклеарните обиди првпат по 2017 година, откако историските самити со тогашниот американски претседател Доналд Трамп во 2018 година не го уверија Ким Џонг-ун да ја напушти програмата за развој на нуклеарно оружје.

Врховното народно собрание во Пјонгјанг до донело во четвртокот новиот закон, пренесе севернокорејската службена новинска агенција KCNA.

„Најголемото значење на озаконувањето на политиката на нуклеарно вооружување е во тоа што се повлекува линија на неповратност којашто значи дека нема спогодувања околу нашето нуклеарно оружје“, рекол Ким во говорот пред пратениците.

Северна Кореја со својот Устав претходно се прогласи за нуклеарна земја, но новиот закон оди чекор натаму така што одредува кога таквото оружје може да се употреби: како одговор на напад или за да се запре непријателска инвазија. Законот, исто така, дозволува превентивен нуклеарен удар доколку биде детектирана непосредна закана од напад со оружје за масовно уништување или напад врз стратешките цели на земјата.

Севернокорејскиот закон, исто така, забранува размена на нуклеарно оружје или технологија со други земји, се наведува во извештајот на KCNA.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден понуди состанок со Ким Џонг-ун „кога и да е и каде и да е“, а јужнокорејскиот претседател Јун Сук-јеол вети голем пакет помош доколку Северна Кореја почне со откажувањето од нуклеарниот арсенал. Меѓутоа, Пјонгјанг го одби понудите, велејќи дека САД и неговите сојузници продолжуваат да водат „непријателски политики“ во форма на економските санкции и големите заеднички воени вежби.

„Сѐ додека во светот има нуклеарно оружје, додека има империјализам, додека не престанат воените вежби на САД и нивните следбеници против нашата држава, јакнењето на нашите нуклеарни сили нема да застане“, порача Ким.