Гутереш ќе ја посети Анкара, по што заминува за Москва, па Киев

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ќе ја посети Анкара пред да замине за Москва следната недела на средба со рускиот претседател Владимир Путин, а потоа во Украина на разговори со нејзиниот претседател Володимир Зеленски, соопштија од ОН.

„Генералниот секретар ќе ја посети Анкара, Турција, каде што на 25 април ќе биде примен од претседателот Реџеп Таип Ердоган“, се наведува во соопштението дадено доцна синоќа.

Шефот за помош на ОН, Мартин Грифитс, на минатата недела изјави дека Турција е почитуван домаќин за хуманитарните разговори меѓу Украина и Русија.

Гутереш по Анкара ќе замине за Москва за на 26 април за да се сретне со рускиот претседател Путин, надевајќи се дека ќе разговара за тоа што може да се направи за да се донесе мир во Украина. По посетата ќе следи патување во Киев на 28 април каде Гутереш ќе се сретне со претседателот на Украина Зеленски и со министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Зеленски на 23 април ја критикуваше одлуката на Гутереш да замине во Москва пред Киев, велејќи дека „нема правда и логика во овој редослед“.

„Војната е во Украина, нема тела на улиците на Москва. Би било логично да се посети Украина, да ги видиме луѓето таму, последиците од окупацијата“, рече Зеленски.

Руската воена инвазија во Украина влегува во третиот месец, а епилогот од досегашната војна е илјадници убиени, милиони раселени и градови претворени во урнатини.