Гутереш е во Киев

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска пристигна во Киев со надеж дека ќе добие продолжување на договорот меѓу Русија и Украина за извоз на жито склучен минатото лето, со што ќе се избегне глобален недостиг на еден од основните прехранбени производи.

Договорот, склучен на 22 јули минатата година под покровителство на ОН и Турција, овозможува извоз на жито и други прехранбени производи од три пристаништа во Црното Море кои беа блокирани поради војната и истекува на 19 март. Договорот за првпат беше продолжен во ноември, по тешки преговори. Досега се извезени речиси 20 милиони тони жито

Со цел да се обезбеди продолжување на Црноморската иницијатива за жито, Гутереш денеска ќе разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Ова е трета посета на Гутереш на Киев од почетокот на војната. Според извори, тој нема намера да ја посети Москва пред истекот на договорот.

Минатата среда Русија објави дека ќе се согласи да го продолжи Црноморскиот договор за жито што овозможува безбеден извоз на жито од украинските пристаништа, но само доколку се земат предвид интересите на нејзините земјоделски производители.

Рускиот земјоделски извоз не е конкретно цел на западните санкции, но Москва тврди дека ограничувањата на плаќањата, логистиката и осигурителната индустрија „претставуваат пречка“ за рускиот извоз на жито и ѓубрива.

Пред војната, житото од Украина и Русија претставуваше четвртина од светскиот извоз. Црноморската иницијатива се смета за витална за спречување на хуманитарна криза во земјите во развој и за ограничување на цените на храната ширум светот.