![Pakistan Iran](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/01/Pakistan-Iran.jpg?resize=696%2C462&ssl=1)
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ги повика Иран и Пакистан да „покажат максимална воздржаност за да избегнат понатамошна ескалација на тензиите“ по размената на оган меѓу двете земји, изјави во четвртокот портпаролот на светската организација.
„Генералниот секретар нагласува дека сите безбедносни проблеми меѓу двете земји мора да се решат по мирен пат, преку дијалог и соработка, во согласност со принципите на суверенитет, територијален интегритет и добрососедски односи“, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.
Соединетите држави, исто така, рекоа дека „не сакаат ескалација во Јужна и Централна Азија“, рече портпаролот на Белата куќа во четвртокот на прашањето за нападите од Иран и Пакистан во последните денови.
Американската влада „многу внимателно ги следи“ тензиите меѓу двете земји кои ненадејно се влошија оваа недела, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.
Додаде дека Пакистан, чијашто сегашна влада е сојузник на САД за разлика од соборената на сега судски гонетиот премиер Имран Кан на чија партија ѝ е забрането да учествува на претстојните избори, „е првиот кој беше нападнат од Иран, што е уште еден опасен напад, уште еден пример за деструктивната улога на Иран во регионот“.
Пакистан започна напади врз сепаратистичките сунитски милитанти во шиитски Иран во четвртокот, два дена откако Техеран соопшти дека погодил бази на друга група на истите милитанти во пакистанска територија, во областа Балучистан, која се простира на иранска, авганистанска и пакистанска територија. Во Пакистан дејствува Војската за ослободување на Балучистан (BLA), а во Иран – Џаиш ал-Адл (Армија на правдата), која е формирана во 2012 година и е на црната листа на Иран како терористичка група.
Во Балучистан, чиј најголем дел е во Пакистан е истовремено и најнаселената и најмалата покраина во оваа земја, дејствуваат и многу радикални исламистички групи, вклучувајќи ја и глобалната терористичка мрежа Ал Каеда, секташки екстремни организации, како и локални сепаратисти кои бараат независност.
Покраината Белучистан која излегува на Арапското Море, е богата со гас, нафта и минерали, но сепак е најсиромашна. Таму последните две години се разгоре насилството врз локалното шиитско население, од страна на талибаните и џихадистите од Исламската држава, а владее и локален бунт. Чести цели на нападите се шиитските муслимани и христијаните.
Сепаратистите во Балучистан од 2004 година бараат независност на оваа неразвиена покраина којашто има инаку силен потенцијал за развој. Цел на бутновничките напади се главно припадниците на пакистанската полиција и безбедносните сили.
Кинеските компании работат во оваа покраина на проектот во вредност од 62 милијарди долари за изградба на мрежа патишта и пруги да ги поврзе своите региони на Ксинџијанг со Арапското Море на северозападот на Пакистан. Проектот треба да претставува најкуса можна рута којашто ги поврзува копното со морето, а којашто на Кина би ѝ овозможил покус приод кон Блискиот исток, Европа, Африка и пошироко.
Неколку групации, вклучително и исламистички милитанти и локалните сепаратисти, зачестено ги напаѓаат кинеските работници во Пакистан, и изминатите години убија повеќе десетици кинески работници. Ја обвинуваат Кина дека ги спроведува „империјални политики наа кражба“ на нивните ресурси и минерали.