Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во понеделникот го поддржа формирањето меѓународен регулатор за вештачката интелигенција, кој би функционирал слично на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ – IAEA), откако таков предлог изнесоа челниците на некои компании кои ја развиваат вештачката интелигенција.
Откако пред шест месеци беше лансиран ChatGPT, порасна загриженоста поради моќта на вештачката интелигенција да создава убедливи лажни фотографии и други дезинформации, покрај другите ризици.
„Заглушувачки се камбаните за тревога поради најновата форма на вештачката интелигенција – генеративната вештачка интелигенција. Најгласните доаѓаат од програмерите кои ја осмислиле. Мораме сериозно да ги сфатиме таквите предупредувања“, изјави Гутереш за новинарите.
Најави планови за почетокот на активностите во таа сфера до крајот на годината на високо советодавно тело за вештачката интелигенција коешто редовно ќе ги прегледува аранжманите за управување со вештачката интелигенција и ќе нуди препрораки за тоа како вештачката интелигенција да се усогласи со човековите права, владеењето на правото и општото добро.
„Би бил наклонет на идејата за создавање агенција за вештачката интелигенција инспирирана од она што е денес Меѓународната агенција за атомска енергија“, рече Гутереш.
Челникот на светската организација додаде дека таквиот модел би можело да биде „многу интересен“, но потсети дека „можат да го креираат само државите членки, а не Секретаријатот на Обединетите нации“.
За споредба, Меѓународната агенција за атомската енергија со седиште во Виена е основана во 1957 година, а ја поттикнува безбедната и мирољубива употреба на нуклеарните технологии, и ги следи можните нарушувања на Договорот за неширење на нуклеарното оружје (NPТ). Оваа агенција има 176 држави членки.
Твореците на проектот ChatGPT, комапнијата „OpenAI“, порачаа во мај дека телото слично на МААЕ би можело да поставува ограничувања на имплементацијата, да ја проверува усогласеноста со безбедносните стандарди и да го следи користењето на компјутерската моќ.
Британскиот премиер Риши Сунак, исто така, ја поддржа идејата, порачувајќи дека сака Велика Британија да биде предводник во глобалната безбедносна регулатива за вештачката интелигенција. Лондон подоцна годинава треба да биде домаќин на самитот за координирано меѓународно дејствување кон ризиците од вештачката интелигенција.
Гутереш во понеделникот рече и дека го поддржува планот за самитот во Велика Британија, но истакна дека на тоа треба да му претходи „сериозна работа“. Додаде дека планира следните денови да именува научен советодавен одбор од стручњаци за вештачката интелигенција од редовите на агенциите на Обединетите нации.