Гутереш му честиташе на Бајден и на американскиот народ

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во понеделникот попладнето му честиташе на американскиот народ и на објавениот а сѐ уште официјално непрогласен претседател Џо Бајден, соопшти портпарот на челникот на светската организација две дена откако демократскиот кандидат на американските претседателски избори од 3-ти ноември прогласи победа врз основа на податоците кои ги објавија американските водечки медиуми.

Честитки се упатени и на потпретседателката на Бајден, сенаторката Камала Харис, прецизираше Стефан Дужарик на дневниот брифинг за новинарите.

„Генералниот секретар му честиташе на американскиот народ на динамичната вежба на демократијата во текот на изборите минатата седмица“, рекол Дужарик без да објасни зошто Гутереш чекал повеќе од 24 часа пред да ја објави честитката.

Од саботата десетици челници на светот кои беа во тензични односи со републиканскиот американски претседател Доналд Трамп, меѓу кои и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, му упатија на Џо Бајден честитки за победата.

Според неименуван дипломат, кој во разговор за AFP сакал да остане анонимен, Антонио Гутереш, чијшто мандат завршува кон крајот на 2021 година не планирал следната година да бара нов мандат доколку биде реизбран Доналд Трамп, кој е ненаклонет кон мултилатеризмот кој го застапува Гутереш.